Цените нема да бидат замрзнати, туку ќе се ограничи профитната маржа на стотина основни прехранбени производи до 10 проценти, соопшти министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Како што истакна Дурмиши, Владата ќе дискутира за оваа мерка на следната седница идната недела. Мерката ќе ги опфати производите како леб, пекарски и млечни производи, овошје и зеленчук.
„Оваа мерка ќе биде краткорочна и ќе важи еден месец. Практиката на нејзиното донесување ќе продолжи и за време на новогодишните и сите следни празници“, додаде министерот.
Законот за нефер трговски практики се очекува да стапи во сила кон крајот на месецот, што, како што рече министерот, дополнително ќе придонесе за намалување на цените на производите.
Претходно премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е постигнат договор за есенската потрошувачка кошница, и дека ќе се разгледува на следната седница на влада.