
Семејното насилство е долгогодишен проблем со кој се соочува државата и за кој мора гласно да се зборува, со цел да се подобри институционалниот одговор и да се спречат трагични случаи, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој денеска организираше тркалезна маса на тема „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“, на која претставници на институциите разговараа за начини како да се подобри системот на заштита.
- Се надевам дека ќе донесеме заклучоци кои ќе бидат имплементирани и со кои ќе се постапува побрзо и поефикасно во секој конкретен случај. Најважно е жртвата навреме да се изолира од насилникот и да биде безбедна, истакна Тошковски.
Тој нагласи дека клучен приоритет е насилниците да бидат брзо отстранети од средината во која се наоѓаат жртвите, особено кога станува збор за случаи во кои се вклучени деца.
Министерот информираше и дека синоќа биле уапсени две лица осомничени во два одвоени случаи на семејно насилство. Одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот со Ивана Јовановска, која пред неколку дена скокна од балкон заедно со својата шестгодишна ќерка, Тошковски посочи дека во полицијата биле поднесени повеќе пријави, но дека тие подоцна биле повлекувани.
- Имало повеќе пријави, но за жал, секој пат кога побарала помош од полицијата, пријавата ја повлекувала. Тоа е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме – жртвите често се под силен притисок од насилникот, рече министерот.
Тој додаде дека токму затоа институциите се обидуваат да изградат поефикасен систем кој ќе функционира постојано и ќе обезбеди брза реакција, не само од полицијата, туку и од социјалните служби, судовите и граѓанските организации.
- Дури и кога жртвата ќе ја повлече пријавата, работата на полициските службеници не треба да заврши. Потребно е да се направи проценка на ризик и да се преземат соодветни мерки согласно процедурите, нагласи Тошковски.
Тој апелираше и до граѓаните, доколку имаат сознанија за семејно насилство, да ја информираат полицијата, со цел институциите навремено да реагираат и да ги заштитат жртвите.