Монтреал е прогласен за најбезбеден град во светот за патување во 2027 година, покажува најновото истражување на осигурителната компанија „Беркшир Хатавеј Травел Протекшн“.

Photo by Samuel Charron on Unsplash
На листата на 15 најбезбедни градови се најдоа дури девет европски дестинации, а највисоко рангирани меѓу нив се Цирих и Амстердам.
Истражувањето опфатило 38 популарни домашни и меѓународни туристички дестинации, а во него учествувале повеќе од 1.500 испитаници од САД. Тие ја оценувале безбедноста на градовите што лично ги посетиле, а нивните одговори биле споредени со податоци од платформата Numbeo, магазинот „Економист“ и организацијата GeoSure Global.
Според резултатите, Монтреал го зазеде првото место со 82,18 поени, откако минатата година се наоѓаше дури на 16. позиција. Како една од главните предности на канадскиот град се издвојува ниската стапка на криминал, додека сообраќајниот метеж е посочен како еден од проблемите за посетителите.
На второто место е Цирих со 81,03 поени, кој воедно е најбезбедниот европски град на листата. Третото место му припадна на Амстердам со 80,81 поени, кој напредувал за една позиција во однос на претходното рангирање.
Меѓу европските градови се најдоа и Рејкјавик на петтото место, Осло на шестото, Венеција на осмото, Даблин на 11. место, Копенхаген на 12., Барселона на 13. и Париз на 15. место.
Листата на 15 најбезбедни градови за патување во 2027 година:
Монтреал, Канада
Цирих, Швајцарија
Амстердам, Холандија
Токио, Јапонија
Рејкјавик, Исланд
Осло, Норвешка
Сингапур
Венеција, Италија
Сиднеј, Австралија
Хонолулу, САД
Даблин, Ирска
Копенхаген, Данска
Барселона, Шпанија
Сан Франциско, САД
Париз, Франција
Иако Европа доминира со девет градови меѓу 15-те најдобро рангирани, првото место годинава го освои Канада. На листата се најдоа и три дестинации од азиско-пацифичкиот регион – Токио, Сингапур и Сиднеј.
Од авторите на истражувањето посочуваат дека резултатите се засноваат на безбедносните услови забележани во август 2026 година и не мора да ја одразуваат актуелната состојба во секој од градовите.