ДСЗИ ќе истражува како здравствените установи и медицинските лица постапиле со родилката од Охрид која го загуби плодот

Од Министерството за здравство информираа дека ќе ги проверуваат околностите поврзани со третманот на медицинската сестра Љубица Шавреска за време на нејзината бременост, која трагично завршила со загуба на плодот.

Од таму посочија дека со внимание ги следат наводите што Шавреска ги изнесе во јавноста и дека, со цел целосно и објективно да се утврдат сите околности, веднаш побарале од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да спроведе надзор над постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал вклучени во случајот.

По завршувањето на вонредниот инспекциски надзор, Министерството ќе формира и комисија за стручен надзор над работата на здравствените работници кои учествувале во лекувањето на пациентката.

„Министерството за здравство ќе постапи исклучиво професионално, врз основа на утврдени факти и стручни наоди“, соопштија од Министерството.