
Во периодот од 1 до 28 февруари, Државниот пазарен инспекторат спровел вкупно 1.689 инспекциски надзори на територија на целата држава. Како резултат на контролите, издадени се 272 прекршочни платни налози во вкупна вредност од над 7.469.383 денари.
Како што известуваат, најголем број надзори биле реализирани по повеќе закони, и тоа: 481 надзор согласно Законот за трговија, 413 надзори по Законот за финансиска дисциплина, 210 надзори по Законот за угостителска дејност, 158 надзори по Законот за занаетчиство и 148 надзори по Законот за заштита на потрошувачите.

Покрај казните, инспекторите изрекле и 84 опомени, по кои во наредниот период ќе следуваат контролни надзори.
Од Инспекторатот информираат дека контролите се спроведуваат континуирано согласно законските надлежности, годишните планови за работа, како и по пријави од граѓани и институции.
Граѓаните можат да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191.