Државниот Архив со повик до граѓаните: Ако имате архивски материјал подарете ни го

Државниот архив на Македонија денеска упати повик до граѓаните кои имаат архивски материјал да покажат одговорност и да го подарат на Државниот архив како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато.

„На приватните иматели (или правни наследници) им се нуди можност да подарат архивски материјал кој е од особено значење за националната и локалната историја, како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во минатото. На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели“, се вели во соопштението од Државниот архив.

Архивскиот материјал наменет за подарување, се појаснува, се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите на архивски материјал се категоризираат според времето, местото, улогата во функционирањето во државниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот. Од подарените архивски материјали, посочуваат од Државниот архив, ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја и сл.

Сите заинтересирани може да се обратат на телефонскиот број 02 3237 211 локали 121 и 122, директно во Државниот архив, Кеј „Димитар Влахов“ бр.19 во Скопје или на следната e-mail адреса: odnosi_so_javnost@arhiv.gov.mk. Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во одделенијата на Државниот архив во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, чии контакт-информации може да се најдат на нашата веб-страница www.arhiv.mk