
Први септември - почетокот на учебната година секогаш носи нова енергија, возбудувања и очекувања, но и предизвици. Нови знаења, другарство, но и акцент на менталното здравје во ова секојдневие со турбулентна динамика.
Јована Затаракоска која работи како лиценциран психолог и семеен психотерапевт и има долгододишно и богато искуство со деца, адолесценти и комуникацијата, како и развивање и зајакнување на позитивните родителски вештини со стручни совети токму во пресрет на учебната година!
Нејзината порака треба да ја прочитаат сите родители, а ние ви ја пренесуваме во целост!
Во училиштето децата не учат само предмети. На одморите и во дворот учат и како се приоѓа кон некого, како се влегува во игра и како да се биде добар другар. Тоа никаде не се запишува, а останува со нив далеку по училиштето.
По летото повторно почнуваат утринските бркотници, подготовките и добро познатата рутина. Децата пак се среќаваат со своите другарчиња, а кај некои радоста е толку голема што едвај чекаат да започне учебната година.
Но, не сите деца го доживуваат првиот училишен ден на ист начин.
Некои со нетрпение чекаат да влезат во училницата. Други ќе речат: „Не сакам да одам на училиште“, „Не сакам да заврши летото“ или „Што ќе ми се тие другари, јас и онака не се дружам со нив“. Ваквите реченици ретко се само отпор кон обврските. Зад нив често стои една од основните човекови потреби, потребата за припадност: да се биде прифатен, да се има свое место, да се знае дека некој те очекува. Токму затоа е важно и како ги испраќаме децата наутро.
„Биди добар/а“, „Слушај таму“, „Дружи се со другарчињата“ се пораки со добра намера, но зад нив стои претпоставка дека дружењето е подеднакво лесно за секое дете. А не е.
Социјалните вештини зависат од темпераментот, од претходните искуства и од тоа колку прилики детето имало да ги вежба.
Едно дете спонтано ќе пријде и ќе започне разговор.
Друго ќе стои на страна, ќе набљудува и ќе чека некој да му пријде, а некое, по неколку неуспешни обиди или одбивања, постепено ќе престане и да се обидува, не затоа што не сака друштво, туку затоа што научило дека обидот носи болка.
Тоа повлекување лесно се гледа како „срамежливост“, иако станува збор за заштитна реакција. Токму тие деца ги гледаме сами на големиот одмор. И додека ние гледаме дете кое „си стои само“, тоа веќе си гради објаснување за она што му се случува.
Децата во основно училиште сè уште тешко ја одделуваат ситуацијата од себеси, па причината најчесто ја бараат внатре: „Дали нешто не е во ред со мене?“ „Зошто никој не сака да се дружи со мене?“ „Можеби не сум доволно интересен/а.“ „Можеби не сум доволно добар/а.“
Кога вакви заклучоци се повторуваат, тие престануваат да бидат мисли за една ситуација и стануваат дел од сликата за себе. Можеби веќе се обидело да се вклучи во играта, но било одбиено. Можеби зборувало, но никој не го слушнал. Можеби едноставно не знае како да го направи првиот чекор. А ако вашето дете е токму тоа што стои само, можеби му треба малку повеќе време и поддршка за да најде свое место.
Затоа оваа година да не ги учиме децата само како да бидат успешни ученици. Да ги научиме и како да бидат добри другари. Тоа не се мери со оценка, но се памети подолго од неа. Однесувањето насочено кон другиот се учи. Најмногу преку тоа што децата го гледаат кај возрасните и преку мали, повторливи чекори: Да го забележат детето што стои само. Да седнат до него. Да го повикаат во игра. Да прашаат: „Сакаш да бидеш со нас?“ Можеби ќе му го олеснат денот. Можеби ќе му ја вратат самодовербата. А можеби, за првпат по долго време, ќе почувствува дека припаѓа.
Затоа што едно мало „дојди со нас“ понекогаш значи многу повеќе отколку што можеме да замислиме.