Другата страна на градот (фото)

На повеќе локации во Скопје има диви депонии, отпад и други неугледни „ќошиња“.

Во непосредна близина на населбата Лисиче се наоѓа локалитетот познат како Вардариште кој функцинира како дива депонија на која се одлагаат шут и разни видови отпад кои многу често намерно се опожаруваат што придонесува кон ширење на смрдеа и чад во околните населби Ново Лисиче и Аеродром во кои живеат над 100.000 граѓани. Иако овој проблем с огодини ги мачи жителите, во општина Аеродром се чини дека засега немаат трајно решение за овој проблем. Забележителни се контрастите во оваа населба каде веднаш до некои луксузни куќи може да се сретнат купишта различен видови отпад.

Слична е состојбата и во Долно Лисиче. Ако човек реши да се прошета во близина на куќите без исклучок ќе налета на градежен шут, парчиња стар мебел, каросерии од автомобили... Тука можат да се сретнат и одводни канали затрупани со пластичен и други видови отпад. Се чини дека жителите веќе навикнале и не ги приметуваат овие грди слики, а извесно е дека дел од нив се сами одговорни за загадувањето на местата во кои живеат.

Иронично е што во Драчево токму на локацијата каде што општина Кисела Вода поставила знак за забрана за фрлање шут, може да се забележи пластичен и други видови отпад. Се чини дека граѓаните „буквално“ ја сфатиле забраната, па сметале дека е дозволено одлагање на отпад кој не е градежен шут.

Извор: Само прашај