Дрин Ахмети ќе остане без „Соравиа“, извршител ја стави на продажба поради долг

Бизнис-центарот „Соравиа“, лоциран во строгиот центар на Скопје, оди на продажба откако компанијата „Соравиа Инвест“ не успеала на време да го подмири долгот кон бугарската Прва инвестициска банка, кој надминува 930.000 евра.

Извршителот Андреја Буневски во својот заклучок утврдил почетна цена од 1.377.978.526 денари, што изнесува околу 22.406.000 евра. Огласот за продажбата е објавен на 24 март, а јавната лицитација е закажана за 24 април. Продажбата ќе се одржи во канцеларијата на извршителот, а во постапката се вклучени вкупно четворица извршители.

Прва инвестициска банка е доверителот што ја иницираше извршната постапка. Банката во 2020 година и одобрила кредит на „Соравиа Инвест“, кој останал неплатен. Според достапните информации, ова не е единственото побарување кон компанијата. Пристигнати се и други барања за наплата од страна на дополнителни доверители. Во заклучокот за продажбата се наведени сите катастарски запишани недвижности кои припаѓаат на бизнис-центарот „Соравиа“. Се работи за комплексен објект кој се продава како целина, согласно извршната постапка.

Со објектот до неодамна управуваше бизнисменот Дрин Ахмети. Сепак, тој не успеа да го задржи имотот под своја контрола. Долгот од над 930.000 евра ја отвори вратата за активирање на извршителската продажба, што сега официјално е започната.