Драмски театар наместо културно стана опасно место за движење

Објектот на Драмскиот театар во Скопје видно се распаѓа, а вработените и публиката молат и преколнуваат за нова театарска зграда, надлежните си молчат, а претставите и понатаму се одржуваат…

За тоа колку е објектот во лоша состојба зборува и предупредувањето, поточно натписот кој со денови стои на неговите стаклени ѕидови “Опасност од кршење на стакло“ и “Ве молам не поминувајте покрај стаклата“. Од она што за жал, може да се види на самото место, состојбата е навистина алармантна, стаклените фасадни ѕидови се распукани, до некаде лепени, но пукнатините и понатаму зјаат. Ништо подобро не е и во внатрешноста на објектот.

Пред само една година од покривот течеше вода како од “нијагарини водопади“, а поплавени простории на овој објект за кои вработените велеа дека се како “лебедово езеро“, беа постојана слика. Актерите и останатиот кадар, пак, и понатаму живеат крпен живот чекајќи нова зграда во која и тие и публиката нема да стравуваат за својата сигурност, а која впрочем беше и ветувана во изминатите години. И додека директорите на Драмски се менуваат обидувајќи се секој од нив да најде какво такво, привремено решение за нормални услови за функционирање, состојбата секојдневно се влошува.

“Му ја предочивме состојбата и потребата од нов театар на заменик министерот за култура кој е исто така актер, но еве сеуште ништо нема од тоа“, велат вработените. Директорката Катарина Коцевска пак, посочува дека постоечкиот објект треба да се реконструира, но и дека новиот театар не треба да се гради на исто место, бидејќи доколку неговата изградба трае со години и тоа не е решение.

Таа смета дека новиот објект на Драмски треба да се изгради на друга локација, а кога ќе биде готов, тогаш вработените да се преселат во нови простории.

Од ресорното Министерство, пак, имаат свое објаснување за состојбите во Драмски. Нов објект засега не е во план, увид во сегашната состојба на Драмски е направен, но и вработените требале сами да се грижат и да го чуваат?!

“Министерството за култура е запознаено со проблемот со скршени фасадни стакла на објектот на НУ Драмски театар и веднаш е извршен увид за нивната состојба. По извршениот увид беа дадени насоки за итно санирање на фасадната столарија од страна на институцијата или пак доколку тоа не е можно да се достави комплетна документација до Министерството за култура  како дополна на годишната програма за работа на установата во делот на инвестиционо и тековно одржување на објектите, согласно пропишаното во Законот за културата. Инаку, корисниците на објеките согласно Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, се должни да обезбедат чување и заштита на недвижните ствари кои ги користат со цел непречено остварување на својата функција и намена“, велат за весникот “Вечер“ од Министерството за култура.

На нашето прашање пак, до каде се активностите околу изградбата на новиот објект за кој се зборуваше, оттаму велат: “Во врска со идејата за изградба на нов објект за Драмски театар, Министерството за култура и Владата немаат предвидено во програмските и стратешките акти проект за изградба на овој објект на местото на Драмски театар. Министерството за култура и Владата се посветени кон одржување и подобрување на условите на постоечките објекти“.

Од сето ова може да се заклучи само едно, “крпениот живот“ на Драмски продолжува… (Д.Т. за Вечер)