Драган Бјелогрлиќ прогласен за почесен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје

Српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ денеска беше прогласен за почесен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, а воедно му беше и врачена наградата EUROPA PRIMA 2022 од Фестивалот на Југоисточна Европа – SEE FILM FESTIVAL Paris-Berlin Washington.

Во рамки на првиот академски час на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, студентите имаа чест во Кинотеката да присуствуваат на доделувањето на наградата и прогласување на Бјелогрлиќ за почесен професор.

– Колку и да ме повредувал, разочарувал овој суров живот, светот на филмската уметност ми даде сила никогаш да не изгубам верба во љубовта, луѓето и во тој суров живот што секојдневно го живеам. Поради тоа сум благодарен што сум дел од филмскиот свет и благодарен сум што ја добив наградата што го препозна мојот пат, денеска и тука во овој град и држава што ја сметам за моја, каде не се чувствувам како гостин и каде што живеат луѓето што ги сакам и тие ме сакаат мене - вели Бјелогрлиќ.

Бјелогрлиќ веќе 45 години поминува во светот на филмската магија. 

– Паралелно ги живеам тие два животи што се обидував да ги соединам во едно и всушност да станат еден живот - истакна Бјелогрлиќ.

Драган Бјелогрлиќ и Белградското драмско позориште вчера настапија во Македонскиот народен театар со претставата „Лет над кукавичкото гнездо“. Љубителите на театарот и вечерва ќе имаат можност во МНТ да ја погледнат претставата.