Дозволата за градба на бетонскиот џин кај „Холидеј Ин“ не е легална, велат од „Шанса за Центар“

Откако денеска беше објавено дека стартува изградбата на првата од трите 20-катници спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје, граѓаните со низа реакции. 

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ велат дека дозволата за градба не е легална. 

-Кај Холидеј Ин никнуваат бетонските џинови за кои ниедна институција освен Државната комисија за спречување на корупција - ДКСК не најде начин да ги стопира. Дозвола за градба на нелегален план НЕ е легална дозвола, велат оттаму. 

-ОЈО, Владата и општина Центар не преземаат ништо за сопирање на потенцијално нелегалната градба пред Холидеј ин.

Справувањето со урбаниот хаос не е само изборен слоган, ниту садење цвеќиња, туку е вистинска борба! Ги изневеривте граѓаните уште во првиот месец по изборите и очигледно немате намера за бескомпромисна заштита на нашиот простор за живеење – ниту пак, за пркос и санкционирање кон сите што ја загрозуваат и деградираат нашата општина.

Сметаме дека итно мора да се преземат следните чекори:

Го повикуваме OJO конечно да постапи по преставката од ДКСК во врска со нелегалното носење на ДУПот. ОЈО седум месеци не постапува по предметот – исто како што премолчено го одобрува и дивото градење кај „Беко“ на очиглед на полициската станица Центар. Јавното обвинителство треба да се бори против криминалот , а не да е негов нем поддржувач, велат од „Шанса за Центар“. 

Од компанијата која ќе ги гради зградите „МГ Фешн“ ДОО Скопје испратија соопштение во кое информираат дека почнуваат со градба на зградите од комплексот „Гранд“ врз основа на одобрението за градба добиено од Општина Центар на 13 април годинава.