Домашна посета и помош за старите и изнемоштени во Центар

Проектот „Нега и грижа за стари лица во домашни услови на општината“, што функционира во општина Центар ќе се проширува со поголем број корисници, добро е да се примени и во останатите општини со оглед на бенефитот на оваа катагорија граѓани.

Тоа го оценија  министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ и претставници од граѓанската организација „Хуманост“ при денешната посета на семејство кое добива таква помош и услуги.

Со проектот се опфатени 89 лица на кои им е потреба нега од трети лица. Со нив работат сертифицирани негуватели кои се обучени да даваат помош и поддршка на корисниците.

- Овие проекти ќе ги прошируваме секоја година за да опфатиме што е можно поголем број на корисници и овој проект да стане препознатлив не само за општина Центар, туку и во другите општини. Со проширувањето и збогатувањето на овој проект ќе стигнеме до стандардите на поразвиените земји на европската унија кон која  се движиме и стремиме, изјави Богдановиќ.

Според министерката Царовска, во подготовка е нова програма за социјална заштита, а без соодветни услуги на локално ниво не може да се постигне социјална заштита бидејќи на граѓаните им е потреба различна нега. - Општина Центар има возрасно население и многу е важно дека општината го препозна овој проблем и нашле модел со кој на оние граѓани, кои не можат да добијат помош на друг начин во домашни услови, да ја добиваат оваа помош од општината и од граѓанската организација „Хуманост“, наведе Царовска.

Таа посочи дека корисниците на проектот се задоволни и препорачуваат да продолжи и изрази надеж дека другите општини ќе го видат овој модел како позитивен и потребен и ќе го имплементираат во своите општини.

Моделот на функционирање на проектот се заснова на континуирана нега со посети три пати во неделата и обезбедување помош по два часа за корисниците. Социјален работник прави анамнеза на приоритетните потреби на корисниците според кои се водат работните активности на негувателите.