ДОМ: Неприфатливо е барањето на ДУИ за премиер по етнички клуч

За зелената партија ДОМ барањето на ДУИ за премиер по етнички клуч е неприфатливо затоа што води кон поделеност на македонското општество, подем на национализмот и претставува закана за општествениот систем и современиот граѓански концепт-едно општество за сите.
„Премиерската функција не смее да се претвори во ‘весела математика‘, од типот 1+3, 2+2, 3+1. Дополнително, ротацијата на премиерската позиција би можела во иднина да стане пракса и за други политички функции што би довело до нефункционалност на институциите“, пишува во партиското соопштение.

ДОМ смета дека сите политички субјекти треба да покажат одговорност и конструктивност, да ја остават зад себе предизборната популистичка реторика и да ги стават интересите на граѓаните и државата пред партиските интереси.

„Евроинтеграцијата, владеењето на правото, справувањето со здравствените и социо-економските предизвици од корона кризата како клучни приоритети на идната Влада, презентирани од мандатарот Заев, претставуваат принципиелна основа за обединување на различни политички субјекти и формирање парламентарно мнозинство и нова влада“, се додава во соопштението.

ДОМ исто така бара во програмата на идната влада да бидат вградени и принципите на Европскиот зелен договор на Европската Унија, за ефикасна борба против климатските промени и загадувањето на животната средина и заштита на биодиверзитетот.