ДОМ: Дали во општина Гази Баба функционира градежната инспекција?

По реакции на загрижени граѓани, ДОМ достави претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, за да се изврши надзор врз евентуални пропусти направени од страна на Општина Гази Баба во врска со спроведување на Законот за локална самоуправа и Законот за градење.

„Дали по истекот на лиценцата на единствениот овластен инспектор за градење на 1.3.2020 година, во општината сè уште не е назначен овластен инспектор за градење? Нефункционирањето на градежната инспекција може да доведе до потенцијално бесправно градење.

Граѓани реагираат и за објект во изградба, за кој во 2016 година е донесено решение за уривање, а во 2020 година е доделена дозвола за градење. Велат дека за овој случај упатиле претставка до Општината Гази Баба и до Државниот инспекторат за градежништво, но сè уште немаат одговор од надлежните институции, велат од ДОМ.

ДОМ бара од Општина Гази Баба, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и другите надлежни институции да постапат согласно своите ингеренции и да обезбедат доследно почитување на законските прописи.