
Веста дека деца, играјќи си во парк во Скопје, пронашле расфрлани парчиња салама премачкани со бела прашкаста материја предизвика сериозна загриженост во јавноста.
Доктор Андон Чибишев изрази загриженост за последниот вознемирувачки случај во Кисела Вода. Имено, Институтот за судска медицина утврдил присуство на инсектицидот метомил, во јавноста познат како ланате, во парчиња салама пронајдени во населбата Расадник во Општина Кисела Вода, во непосредна близина на детско игралиште.
- Силно ме вознемири и загржи веста која ја пренесоа медиумите дека деца играјќи си во парк на територија на Скопје пронашле расфрлана салама која била премачкана со бела прашкаста материја. Примероците од таа салама биле однесени во Институтот за судска медицина и криминалистика каде е докажано дека се работи за пестицидот МЕТОМИЛ или во пракса познат како ЛАНАТЕ. Метомилот е карбаматен инсектицид кој наоѓа своја примена во земјоделието. За жал некои несовесни и бесчувствителни наши сограѓани го користат за труење на бездомните кучиња и мачки, сподлеува доктор Чибишев.
Алармира дека се работи за исклучително моќен и опасен отров кој убива за кратко време.
- Внесен во организмот предизвикува гадење, повраќање, пролив, потење, отежнато дишење, стегање во градите,стомачни болки,нарушување на свеста. Обично смртта настанува заради парализа на респираторниот и другите витални центри, при што настанува тешко пореметување на дишењето и работата на срцето, сподели докторот.
Тој нагласува дека најзагрижувачки е фактот што ваквата затруена храна е оставена на место каде што секојдневно се движат деца.
- Од љубопитност, сосема е можно некое дете да дојде во контакт со саламата или дури и да ја внесе во уста, што може да предизвика тешки последици по неговото здравје. Вака расфрланата салама од љубопитност може да ја изеде и некое дете. Затоа крајно време е институциите на државата без милост да ги санкционираат ваквите несовесни граѓани додека не се случила некоја трагедија, алармира познатиот доктор.