Доктор Беќаровски за предупредувањата за жива во туната: Јас ќе продолжам да ја јадам...

 

Се огласи доктор Нико Беќаровски откако вчера во јавноста беше алармирано за присутна голема концетрација на жива во конзервирана риба-туна.

Познатиот токсиколог порача дека и натаму ќе јаде риба тука, затоа што, како што појасни, живата во туната не е резултат на лошо припремена конзерва и не зависи од производителот, туку е резултат на загаденост на морињата и океаните, а туните ја внесуваат преку процес наречен БИОМАГНИФИКАЦИЈА, т.е. преку јадење на помалите риби, кои содржат жива поради контамираните алги и планктони.

Еве го целосното стручно појаснување од доктор Беќаровски: 

- Според FDA (америчката агенција за храна и лекови) за да влезете во РИЗИЧНАТА ЗОНА ТРЕБА ДА КОНЗУМИРАТЕ 6-7 КОНЗЕРВИ од 140 грама неделно од лесната туна (Skipjack) или 2-3 конзерви од белата туна (Albacоre).

- Дури и двојно повеќе изедени тунини конзерви во краток временски рок, 1-2 недели по кој би следувала пауза, ќе доведе до брза детоксификација на организмот, без трајни последици по вашето здравје.

- Сардините содржат драстично помала концентрација на жива, бидејќи имаат многу пократок животен век и се на понизок степен во прехранбениот ланец.

- Јас и понатаму 1-2 неделно ќе конзумирам туна или сардини, бидејќи имаат многубројни бенефити по моето здравје, рече докторот и заклучи: 

- Ако продолжи несовесното однесување кон човековата околина и депонирањето на отровните отпадни материи, отровните концентрации во сите морски плодови и животни рапидно и драстично ќе продолжат да растат. Колку пониска еколошка свест, толку поотровна храна на нашата трпеза.