Доколку сакате да патувате низ Грција, а сте невакцинирани, задолжителен е негативен корона-тест

Затворени простори само за вакцинирани, задолжителни рапид тестови еднаш или два пати седмично за невакцинираните вработени во јавниот и приватниот сектор, но на сопствен трошок, по десет евра од тест, задолжителен негативен тест за патување низ земјата со брод, автобуси, воз или авион за невакцинираните, се дел од мерките во Грција, кои утрово стапија во сила и ќе важат до 31 март следната година, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите мерки, пред сѐ се однесуваат на невакцинираните граѓани, а ги опфаќаат угостителските објекти, ноќните клубови и местата за забава, археолошките локалитети и музеите и транспортот на Грција, нешто што освен грчките граѓани, ги засега и туристите.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на редовниот брифинг со новинарите во четвртокот, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, потврди дека мерките, освен за Грците, важат и за посетителите на земјата.

Министерската одука со новите правила и новото секојдневие во Грција, веќе е објавена во Службен весник, а МИА детално ги пренесува мерките што ќе бидат во сила следните шест месеци.

За одредени простори дозволен е влез само за вакцинирани и оние кои прележале Ковид-19, а во други, постои и дополнителната опција со негативен рапид тест направен во последните 48 часа, кој повеќе нема да биде бесплатен, туку чини десет евра и е на товар на граѓаните.

Мерките важат за лица со наполнети 12 години, додека пак децата од пет до 11 години, можат да влезат со негативен селф тест направен 24 часа претходно.

Поконкретно, во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, во спортските сали, на стадионите, на конференциите, но и во ноќните клубови (и на отворено и на затворено), влезот е дозволен само за вакцинирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци прележале Ковид-19.

Угостителските објекти и центрите за забава ќе работат со 85 отсто од капацитетот, забрането е стоење, а дозволени се до десет лица на една маса.

Просторите во кои се организираат концерти и настани, како и кината, археолошките локалитети, галериите, може да работат или само со вакцинирани и лица кои прележале Ковид-19, или да бидат „мешани“, но невакцинираните ќе треба да достават негативен рапид тест направен 48 часа претходно.

Во зависност од тоа дали просторот е „чист“ или „мешан“ се менува и дозволениот капацитет, односно помал број присутни во случај да е дозволен влез и со тест, а поголем број доколку е само за вакацинирани и прележани.

Во фитнес центрите и борделите дозволен е влез и за невакцинирани, но со негативен тест, направен 48 часа претходно.

Секаде каде што е задолжителен документ за Ковид-19, при влезот ќе се вршат проверки со помош на специјалната апликација „Covid Free GR“.

Ограничувања во однос на вакцинирани и невакцинирани не постојат за влез во надворешните делови на угостителските објекти и кафулињата, за супермаркетите и продавниците за храна, за фризерските салони и берберниците, за малопродажбата, за моловите и трговските центри, за црквите и религиозни објекти.

Но, постојат ограничувања во однос на бројот на клиенти во зависност од големината на просторот.

Документ за Ковид-19 за патување низ Грција со брод, воз, авион или автобус

Исто како и за влез во Грција, така и за патување низ земјата, без разлика дали е тоа со автобус, воз, брод или авион и кон било која дестинација, потребен е документ за Ковид-19.

За вакцинираните, сертификати за вакцинација, за оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци, соодветна потврда, а за невакцинираните негативен рапид или ПЦР тест направен 48 односно 72 часа пред патувањето.

За разлика од досега кога невакцинираните во Грција имаа можност бесплатно да се тестираат со брзи тестови од Националната организација за јавно здравје и да добијат потврда за патување, од денеска брзиот рапид тест е по цена од десет евра.

Меѓуградските и туристичките автобуси, како и возовите сообраќаат со 85 отсто од капацитетот, а бродовите со 80 или 85 отсто во зависност од тоа дали постоја кабини или не.

Маската е задолжителна во сите превозни средства.

Правилата за патување важат за лица со наполнети 12 години, а за децата од пет до 11 години, може да се покаже и селф тест.

Невакцинираните вработени во приватниот и државниот сектор ќе се тестираат на сопствен трошок

Невакцинираните вработени во приватниот и јавниот сектор во Грција, од денеска, ќе треба еднаш седмично да се тестираат со рапид тест, направен исклучиво во приватните дијагностички центри.

Тестот чини десет евра, а трошоците самите ќе си ги покриваат.

За невакцинираните вработени во туризмот, образованието, угостителство, во телевизиските, театарските, кинематографските и музичките продукции, како и за студентите задолжително е тестирање два пати седмично, по десет евра од тест.

За учениците, задолжителни се два селф теста седмично, кои ќе бидат бесплатни.

Тестовите во државните дијагностички центри, од денеска, бесплатни се само за вакцинираните или за лицата со симптоми.

Невакцинираните, за кои се потребни негативни рапид тестови, ќе треба на свој трошок да се тестираат.

Употребата на маска во Грција, и понатаму е задолжителна во затворените простори, но и надвор доколку има гужва, а за прекршување на здравствените протоколи и мерките, предвидени се и парични казни, но и забрана за работа за одреден период.

Во Грција досега се аплицирани 11,7 милиони дози од вакцината, прва доза примиле 6.259.470 граѓани, а целосно вакцинирани се 5.845.008 лица.