Доказ дека со труд и визија Македонците можат да успеат и во Америка – инспиративната приказна на д-р Софи Дамјановска

Д-р Софи Дамјановска е млада докторка која во моментов е последна година на субспецијализација на University Hospitals Cleveland Medical Center во САД. Таа работи и е активна во областа на гастроентерологијата и хепатологијата, но се повеќе се пренасочува и специјализира во областа на ендоскопијата.

Во интервју за Скопје Инфо, Софи ја раскажа нејзината приказна за тоа како заминала во САД на специјализација, како се одлучила да студира медицина, предизвиците во студиите тука и во странство итн.

Како се одлучи да студираш медицина, дали тоа беше твој сон уште од детство и како ти одеа студиите во почетокот? „Во основно и во средно училиште најмногу ме привлекуваа и најмногу ми одеа биологија, хемија, физика и ликовно. Да бидам искрена, не бев од оние луѓе кои сакале да станат доктори уште од деца. Во изборот на факултетот ми помогнаа моите родители. Се мислев дали да се запишам на Природно-математичкиот факултет на смерот генетика, Стоматолошки факултет или Медицински. Сепак, се одлучив за Медицински, бидејќи имав чувство дека во иднина ќе имам повеќе избор за занимање во зависност од изборот на медицинската област за занимање, односно проучување и специјализирање“, објаснува Софи за начинот на кој што таа го одбрала факултетот.

Медицинскиот факултет таа го окарактеризира како „искуство“ - некогаш позитивно, некогаш и не толку. „Медицинскиот факултет за мене беше искуство. Некогаш позитивно, но сепак многу пати не беше. Како студент на медицина, без доктори во блиска фамилија или пријатели, ми беше навистина тешко првично додека да се навикнам на системот како функционира - кој, за жал, многу пати и не функционираше, и да го добијам знаењето кое ми е потребно. Многу пати студентите се оставаат сами на себе и на своите амбиции без некоја структура. Кога стигнав втора година на медицина, започнав да учам германски јазик со надеж да продолжам на специјализација во Германија. И да бидам искрена, стручен германски јазик не е шега. Некаде при крајот на студиите, преку подалечна фамилија се информирав за можноста за специјализација во САД. Знаев дека нема да сум спремна веднаш по дипломирањето, бидејќи требаше повторно да полагам испити, но и да го зајакнам CV-то“, се присетува младата докторка.

Како тогаш го зајакна своето CV, каде се усовршуваше професионално за да можеш да аплицираш и да бидеш примена на некои од универзитетите во САД? „Пред да аплицирам за специјализација, првично работев во Case Western Reserve University во лабораторија како пост-докторски истражувач. Додека работев за Case Western Reserve University имав среќа да запознаам професори кои беа способни да ја препознаат мојата посветеност и напорна работа. Всушност, тие беа луѓето кои ми помогнаа во поглед на поддршка, писма со препораки итн., со што ми овозможија шанса да имам богато портфолио при апликацијата за специјализација. Потоа, бев примена на одделот за интерна медицина на специјализација при University Hospitals Cleveland Medical Center / Case Western Reserve University. Дипломирав и земав лиценца како интернист во 2023 година, а истата година влегов и моментално сум последна година на субспецијализација на гастроентерологија и хепатологија на истиот факултет и во истата болница“, вели Софи.

Таа сподели уште една убава вест. Во јули била примена на програма за доедукација во MD Anderson во Хјустон. „Во јули месец бев примена на доедукација на програма за напредна терапевтска ендоскопија (Advanced Therapeutic Endoscopy Fellowship) во MD Anderson во Хјустон, на која ќе започнам од јули следната година“, сподели Софи.

Би можела ли да направиш кратка паралела со студирањето во Македонија и во САД? „Разликата е ден и ноќ. Без навлегување во детали, различни се ресурсите со кои располагаат, пристапот до електронска база на податоци, образовната структура, професионалноста, како и љубезноста“, децидна беше Софи.

Се промени ли нешто можеби од почетокот кога пристигна таму, ти се остварија ли професионалните очекувања? „Додека бев пост-докторски истражувач и специјализант, на почетокот на субспецијализацијата мислев дека професионална цел ми е да бидам хепатолог. Но на субспецијализацијата полека се запознавав со ендоскопијата и едноставно се заљубив во процедурите и во сите нови третмани/опции што им се нудат тука на пациентите. Така, иако професионалната цел ми се промени и почнав да се насочувам кон тоа да станам напреден ендоскопист, црниот дроб се уште има посебно место во моето срце. Овие 6-7 години бев и уште сум активна со Американската асоцијација за проучување на црнодробни заболувања (American Association for the Study of Liver Diseases – AASLD). Тоа е најголемото здружение за хепатологија во САД, а веројатно можеби и во светот“, објаснува младата докторка.

Кога станува збор за здравјето на црниот дроб, што би било главно нешто што би го адресирала како проблем, што веројатно сите можеби го правиме, а со тоа го доведуваме во ризик овој наш орган? „Во Македонија кога зборуваме за црниот дроб, сметам дека има недостаток на едукација на целокупната јавност во однос на заболувањата на црниот дроб и на ризичните фактори. Алкохолот е главен и најголем причинител на заболувањата. Тој има големо место во социјалниот живот како во Македонија, така и во Европа и во САД и затоа е тешко да им се објасни на луѓето дека би требало да запрат со него. Се повеќе студии покажуваат дека и најмалите дози на алкохол се штетни по целокупното здравје и здравјето на црниот дроб. За тоа имам пишувано и труд, поточно за тоа како подобро да се едуцираат Американците во врска со ова“, вели Софи.

Кажи ни нешто за твојот социјален живот, како се снаоѓаш во САД, имаш ли хоби, си „понесе“ ли некои македонски навики таму? „Во однос на мојот социјален живот, надвор од медицината, обожавам да готвам. Морам да споделам и дека мојот сопруг Даниел, кој е од Северна Каролина, подобро готви македонска храна отколку јас. Секоја година имаме мала градина со зачини – магдонос, босилек, рузмарин итн., како и зеленчук – домати, рукола, марула. За време на КОВИД-19 пандемијата започнав да бидам повеќе физички активна, како дома така и надвор. Играв одбојка во основно и средно, но никогаш не бев нешто посебно физички активна. Моментално вежбам секој ден, комбинација од трчање, планинарење, пешачење, вежбање со тегови, возење велосипед итн. Инаку, двајцата со сопругот обожаваме да патуваме, а омилено патување ми е во Американските национални паркови, при што Џошуа Три (Joshua Tree) ми е омилен“, сподели таа.

Има ли нешто што би сакала да порачаш, а можеби не те прашавме? „Последно што би сакала да порачам е дека напорната работа секогаш се исплати, но некогаш треба да ја смениш околината за твојата напорна работа да може да биде препознаена и ценета. Горда сум на себе, ама реално немаше да успеам во своите цели без поддршката на моето семејство, на моите баби, дедовци, родители и сестра ми, како и мојот сопруг – кој ми беше и се уште ми е персонален водич во американското општество“, порача Софи.