Дојранското езеро, волшебно и чудотворно- идеално и за млади и за стари

Дојранско езеро, македонска недопрена убавина. Место идеално и за најмладите и за најстарите.

Калта од Дојранското Езеро има способност да го извлече сето она што е негативно во телото и во кожата, како што се некои болести, пеги и лишаи. Според стручњаците, дојранската кал е лековита затоа што во неа има многу состојки од растенијата што се распаѓаат во Дојранското Езеро. Покрај дојранската алга, која е најпозната и содржи големо количество јод, во калта има и многу други растенија што се распаѓаат во водата. Калта е многу богата со минерали кои благопријатно дејствуваат на кожата, но и на ревматичните болки. Експертите утврдиле дека мешавината од екстрактите, кои ги испуштаат распаднатите растенија, водата и калта, се рецептот за овој природен лек.

Чудна и навидум непријатна, толку уникатна мешавина на мириси не може да се почувствува на ниту едно друго место на светот. Единствено се доживува и вдишува токму на брегот на Дојранското Езеро, кој го прави Дојран посебен и препознатлив.

Езерската вода е жешка, зелена и матна. При самиот влез во водата се чувствува тињата под стапалата. Од езерото кон брегот непрестајно надоаѓа пена, која личи на пена од сапуница. Кога се доживува сето ова, и кога, згора на тоа се вдишува мирисот на алгите, се има чувство како да се наоѓате среде мочуриште. Тоа е поради цветањето на алгите во езерото. Пената ја произведува токму нивниот цвет, таа е сосема природна. Ова се случува само петнаесетина дена во годината - во средината од август. Водата тогаш е најлековита и плажите во Дојран се под инвазија од црномурни туристи, измачкани со црната езерска кал.