Доделени 10 грантови на социјални претпријатија за намалување на невработеноста кај младите

Националниот младински совет на Македонија, додели 10 грантови на компании, граѓански организации и новоформирани иницијативи кои во следниот период ќе формираат свои социјални претпријатија. 

Грантовите се во рамки на проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување″ поддржан од Европската Унија.

Како што информираат од Националниот младински совет, една од главните цели на доделувањате на овие грантови е да придонесе во зголемување на квалитетот на младите лица во Република Северна Македонија преку нивно активирање во инклузивни социјални услуги, развој на иновативни технологии за инклузија на млади лица од ранливи категории и поттикнување на економско зајакнување на социјални претпријатија предводени од млади.

-Доделените грантови, во висина до 11.000 евра по грант, ќе се реализираат во наредните12 месеци (1 октомври 2022 – 1 октомври 2023 година) и ќе делуваат кон намалување на стапката на невработеност на млади лица, зголемување на бројот на инклузивни даватели на социјални услуги водени од млади, зголемена проодност на ранливи категории на млади на пазарот на труд како и на зајакнати капацитети на вработените во социјалните претпријатија - стои во соопштението.

Меѓу добитниците на грантовите е Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, Социјалното претпријатие Бренд Солушн ДООЕЛ, Здружението на граѓани Ековита – Неготино, Здружението на граѓани ГРИТ Пробиштип, Здружение на граѓани Зип Институт за политики и добро владеење Скопје во соработка со Семејното советувалиште Сарај и Општина Сарај, Иницијативата VR Labs, Социјалното претпријатие „Камп“, Социјалното претпријатие, инклузивна музичка школа за деца и младинци.