
Бакарот станува една од најбараните суровини во светот поради електрификацијата, обновливите извори на енергија и развојот на новите технологии. Според рударскиот инвеститор Френк Џустра, глобалната понуда тешко ќе ја следи побарувачката, дури и ако во следните две децении секоја година се отвораат по шест големи рудници.
Македонија располага со значајни бакарни ресурси, што го потврдува и националната Стратегија за минерални суровини. Најголемото наоѓалиште е во Иловица-Штука, каде се проценуваат околу 410 илјади тони бакар. Сепак, проектот со години останува во застој, иако според плановите би произведувал повеќе од 10.000 тони бакар годишно.
Освен Иловица, бакарни резерви беа идентификувани и во Казандол и Кожуф, но и овие проекти не стигнаа до фазата на реализација. Инаку, светскиот инвеститор Џустра додава дека според прогноза на финансиската куќа „JPMorgan“ следува дефицит на бакар во количина од два милиони тона до 2030 година, кој ќе се зголеми на недостиг од осум милиони тони до 2035 година.
Во интервју, тој истакна дека само центрите за податоци се очекува да потрошат околу 500.000 тони бакар до крајот на деценијата. На големите наоѓалишта на бакар обично им се потребно десет, а понекогаш и дваесет години, за да започнат производство.
„Бакарот е столбот на речиси секоја електрификациска индустрија во светот“, нагласува Џустра. Тој тврди дека конкуренцијата за ископ на стратешки минерали еволуирала од проста трговија во геополитичко ривалство. „Светскиот поредок каков што го знаевме е мртов“, додаде инвеститорот. Џустра потенцира дека Кина започнала да обезбедува минерални наоѓалишта во странство пред околу 25 години, додека САД и Европа ја препознале стратешката важност на критичните минерали дури во последниве години.
Задоволувањето на идната побарувачка ќе зависи од откритијата што не можат да се развијат доволно брзо, што одговара на прашањето зошто повисоките цени на бакарот може да бидат единствениот преостанат механизам за балансирање на пазарот.
Финансиската групација „Macquarie“ во последните прогнози заклучува дека бакарот е „заглавен“ помеѓу оптимизмот за нови инвестиции и слабеењето на капацитетите.
Според анализата, јазот денес е многу голем. Оттаму наведуваат дека бакарот се продавал за 12.000 долари за тон кон крајот на март и се искачил на над 14.000 долари кон крајот на мај годинава.
Според „Macquarie“, трговците се позиционираат поради можните мерки за извоз на бакар во САД, а најверојатниот исход, како што додава финансиската институција, е континуирана неизвесност без јасно решение, со што металот ќе остане во САД и ќе го остави остатокот од пазарот под притисок.