Додека народот преживува со 150 денари дневно, Владата троши три милиони за скап алкохол, обвини Митева

Денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева на прес-конференцијата кажа дека Владата на СДСМ и ДУИ троши речиси три милиони денари на скап алкохол.

-Во најголемата криза, кога една потрошувачка кошничка не може да се покрие со две минимални плати, и кога половина милион наши сограѓани живеат со под 150 денари на ден, Владата на Ковачевски преку СОЗР троши пари на скапи и луксузни пијалоци и јадења. Во наредниве неколку дена ќе објавуваме документи како власта се луксузира, на сметка на народот, обвини Митева.

Митева вели дека Владата нема средства за болните лица, но има пари за луксуз.

-И кога нема пари за болните од цистична фиброза, кога нема за инсулин или за друг вид терапија треба да се сетиме дека Ковачевски преку СОЗР купува скапи и луксузни пијалоци за 2.950.000 денари. Ова е договорот почитувани, кој е склучен на 24.04.2023 година помеѓу СОЗР и три економски оператори. Овој договор е Рамковна спогодба со која на договорниот орган му се дозволува да повлекува производи од палетата која е понудена во текот на целиот договорен период. Договорот е склучен со три економски оператори, со тоа што му се дава можност на СОЗР ако еден економски оператор не може да ја изврши нарачката, институцијата истиот пијалок да го нарача од друг економски оператор, по цените кои што се понудени од секој поединечно.

Кога ќе ги погледнеме цените по кои владата на Ковачевски преку СОЗР ќе нарачува, може јасно да заклучиме зошто владата нема пари за народот, кажа Митева.

Митева ги откри и цените на алкохолните пијалаци кои ги купува власта.

-Функционерите од СДС и ДУИ ќе имаат можност да пијат високо квалитетно вино, означено како Барик вино со контролирано потекло во пакување од 0.75 литри по цена од 2.293 денари. Додека народот преживува со 150 денари на ден, Ковачевски и неговите министри и директори ќе имаат можност да пијат виски од 1 литар, со минимум 42% алкохол кое чини 2.730 денари. А, кога ќе сакаат да пијат нешто поскапо, ќе пијат Бурбон виски во шише од 1 литар и со минимум 42% алкохол кое чини 3.413 денари. Додека болните од дијабет чекаат инсулин, функционерите од власта ќе се засладуваат со крем ликер набавен за 2.034 денари. Кога народот ќе купува поевтини тестенини, министрите и директорите на Ковачевски ќе наздравуваат со пенливо полуслатко бело вино од 1.331 денар. Додека студентите ги чекаат парите за студентски оброк, и се борат за денар повеќе, луѓето околу Ковачевски ќе можат да пијат Коњак кој ќе чини и до 3.413 денари, посочи портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.