Добрината секогаш стигнува далеку, дури и кога мислиме дека е мала и незабележлива

Постојат денови кога одите низ живот мислејќи дека сте незабележани, без намера да направите нешто големо, а сепак правите.

Photo by simon on Unsplash

Некогаш со најобичен поздрав, или со еден поглед што признава нечие постоење. Со реченица која не ви изгледа важна, но кај некого допира токму таму каде што болело најмногу. Суштината е едноставна: повеќето од нас никогаш нема да дознаат колку силно одекнало нешто што сме го направиле од чиста човечност.

Во секојдневниот хаос во кој живееме денес, дури и малите гестови стануваат носители на огромна тежина. Некој што изгледа сосема добро некогаш се бори да стане од кревет тој ден. Некој што се насмевнал љубезно можеби минува низ најтешкиот период во животот. Некој што ви кажал „добро сум“ можеби се држел за последниот конец на силата. Тука е парадоксот на човечките односи: Никогаш не можеме да ја измериме длабочината на туѓата невидлива борба, ниту интензитетот на ефектот што го имаме врз неа.

Психолозите често велат дека малите дела на добрина се најстабилниот предуслов за психолошка отпорност, не само кај оној што ги прима, туку и кај оној што ги дава. Џонатан Хајт зборува за „морално издигнување“, кое постои моментот кога сведочиш на добрина и одеднаш и самиот сакаш да бидеш подобар. Добрината е заразна, но не на начин што бара аплауз или совршени околности. Таа делува тивко, префинето, од човек на човек.

Затоа, опасно е да чекаме. Да чекаме подобар ден или да чекаме другиот да направи прв чекор. Да чекаме повеќе време, повеќе енергија, повеќе храброст. Чекањето создава празнини меѓу луѓето во кои се губи топлината, а останува само дистанца. А во дистанцата расте погрешното уверување дека никој не нѐ гледа, дека никој не ни недостига, дека никој ништо не почувствувал од нас. Можеби некому сте му го спасиле денот без воопшто да знаете. Можеби сте вратиле нечиј дух со зборови што вие ги сметате за обични. Можеби сте биле првата светлина што тие ја виделе по долг период на темница.

И затоа вреди да се започне од наједноставното: да се биде добар, не затоа што светот е добар, туку затоа што не знаете кој колку чека на тоа. Добрината не бара дозвола, ниту сценографија. Се случува во мали, невидливи движења и токму таму ја има својата сила.

Можеби навистина никогаш нема да ја дознаеме вистинската тежина на нашите гестови. Но тоа не значи дека таа тежина не постои. Напротив – постои, се акумулира, и му дава на светот форма која, барем на моменти, станува поднослива. Се прави поради луѓе кои не се откажуваат од тоа да бидат добри, дури ни тогаш кога никој не гледа.

Бидете такви луѓе. Некому токму денес му треба тоа.