Добар татко и одличен глумец, колегите и публиката се простува од Мешко

 По долго боледување, вчера во неговиот дом во Лос Анѓелес, САД, почина актерот Димче Мешковски, соопштија од Драмски театар Скопје каде што доајенот на македонското глумиште беше вработен од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година. 

Неговите колеги, соработници, но и публиката се простува од легендарниот актер. 

-Си замина и Мешко, ќе те паметам по насмевката, твојата воздржаност, огромната љубов кон Марика и твоите две ќерки. Добар татко и одличен глумец. Мешко баш. Tе сакав! Аплауз и слава ти, напиша актерката Весна Бејби Петрушевска. 

-"Еден ден ќе ви го најдам селото и ќе зажалите! Ух, вие гнасни, вие одвратни Штрумфови!". Почивај во мир, Гарги мил, со овие зборови од актерот се прости Ирена Ристиќ. 

-Збогум, драг мој Мешко. Има ли име ова? Оваа тага... Низ главава ми експлодираат спомени. Претстави, филмови, серии, радио драми, легендарното Хихирику, тезги, софри, песни, гитари, бесконечни партии карти во театарот. И многу ќеф. Што те познавав, што ме прифати како син, и што навиваше за мене и тогаш кога не требаше. Се гледаме стари..., напиша Игор Џамбазов во својата емотивна објава. 

-Кога актерите заминуваат, тие само се преселуваат на друга „сцена“.Почит и вечна слава. Длабоко и искрено сочувство до семејството на драгиот и почитуван наш Димче Мешковски, напиша Сања Лукаревска. 

Комеморацијата за Димче Мешковски ќе се одржи во салонот на Драмски театар Скопје на 28 март 2023 година со почеток во 12 часот.