Доаѓа пролет: Првиот штрк пристигна во Македонија

Пристигна! Пристигна! Првиот штрк пристигна во Македонија! Марјан Иванов ни соопшти дека на 21 февруари пристигнал во Богородица и си го зафатил гнездото. Пишувајте ни за штрковите кои ќе ги видите, по можност сликајте ги и гнездата кои ги користат - вака стои во објавата на Македонското еколошко друштво, каде се известува дека првиот штрк пристигна во Македонија. 

Штрковите се предвесници на пролетта, а токму овој штрк, ни покажа дека е крај на зимата и дека можеме да се радуваме на топлите пролетни денови кои треба да ни пристигнат. 

Бројот на овие птици преселници, како впрочем и во цела Европа, опаѓа и во Македонија. Сепак едно место во земјата ја носи титулата „Европско село на белиот штрк“.  Се работи за Чешиново – Облешево. Карактеристично за Чешиново-Облешево е тоа што е општина со  најголема густина на населеност на оваа бела птица во државата, со 123 активни парови на 100 квадратни километри, или повеќе од 2 штрка на км2.