
Денеска е „петок 13-ти“ познат како најнесреќниот ден. Навистина ли е баксузен или пак, е само обичен датум?
Постојат разни теории за почетокот на стравот од петок 13-ти, а во нив се вклучени и разни митови и легенди. Еден од најпознатите е нордискиот мит за злобниот бог Локи, кој како 13-ти, непоканет гостин, се упатил на вечера со боговите во Валхала, небесната сала и домот на богот Один.
На Локи му здодеало во друштво на сериозни богови, па решил да си игра со нив и го убедил Ходер, слепиот бог на темнината, да го гаѓа Балдер, богот на радоста и задоволството, со стрела од имела. Балдер умрел и темнината завладеала со целата земја. Од тој момент бројот 13 се смета за фатален и застрашувачки.
Во стариот Рим постоело верување дека вештерките се собирале во групи од дванаесет, а тринаесеттото место било резервирано за ѓаволот.
Сепак, повеќето историчари веруваат дека петок 13-ти добил лоша репутација поради апсењето повеќе од стотина витези темплари, што се случило, погодувате, на петок 13-ти. Имено, во 1307 година францускиот крал Филипе Ле Бел во договор со тогашниот папа ги обвинил за ерес. Уапсените темплари биле подложени на тортура, а многумина ја признале својата вина.
Бројот 13 се споменува неколкупати во Библијата и е поврзан со злобни настани. На последната вечера имало 13 гости, а еден од нив не долго потоа починал. Постои верување дека последната вечера или распнувањето на Исус се случило на тринаесетти (исто така во петок) и дека Каин го убил Авел на петок 13-ти и дека големата поплава почнала во петок.
Постојат и други неосновани суеверија дека на овој ден не треба да ги сечете ноктите или да ја потстрижувате косата.