Колку бес носиме во себе без да го именуваме како бес, колку внатрешна напнатост ја оправдуваме како рационалност, а всушност таа тивко го разјадува нашето секојдневие.

Photo by Joel Muniz on Unsplash
Колку суетата знае да биде слепа, не затоа што не гледа, туку затоа што гледа селективно, го забележува само она што ја потхранува несигурноста и потребата за докажување. И колку често токму небитните нешта, ситните забелешки, кратките споредби, туѓите избори што ги доживуваме како закана, успеваат од ден во ден да ни ја нарушат радоста, иако на површината сè изгледа во ред.
Најиронично е што токму тогаш кога ни оди добро, кога имаме стабилност, можности, луѓе околу себе, кога ништо суштинско не недостига, стануваме најранливи. Наместо смиреност, се јавува внатрешен немир; наместо чувство на доволност, се појавува глад за уште повеќе. Погледот се заматува, не затоа што животот станал тежок, туку затоа што вниманието ни е заробено од постојано мерење — кој е пред нас, кој зад нас, што сме постигнале, што уште „треба“ да се докаже. Во тие периоди не успеваме да го видиме доброто што веќе е тука, затоа што сме преокупирани со тоа што мислиме дека недостига.
И тогаш не паѓаат големи удари, не доаѓаат драми, не се случуваат нагли пресврти. Паѓаат сметки. Тивки, секојдневни, речиси незабележливи. Сметки за енергија потрошена на погрешни битки. Сметки за зборови изговорени од повредено его. Сметки за односи во кои сме биле присутни со телото, но отсутни со вниманието. Тие сметки не доаѓаат од некоја надворешна сила — тие ни слетуваат директно на дланката, како резултат на изборите што ги правиме додека мислиме дека ништо важно не се случува.
Овој текст не е повик на вина, ниту морална лекција. Тој е обид за будност. За она тивко запирање во кое си го поставуваме непријатното, но нужно прашање: Што навистина ми ја краде радоста? Дали се тоа реални проблеми или внатрешни навики што одамна не сме ги преиспитале? Дали немирот доаѓа од надворешни околности или од нашата потреба постојано да контролираме, да се споредуваме, да бидеме во право?
Можеби зрелоста не значи да исчезнат бесот и суетата, туку да научиме да ги препознаваме додека се уште тивки. Да не им дозволиме да го замаглат погледот токму во периодите кога животот ни дава нешто добро. Затоа што најголемата загуба не е кога немаме, туку кога имаме и не гледаме.