До 500 евра глоба за пукање петарди на Нова година

Новогодишната еуфорија почна. И оваа година Битпазар пред новогодишните и божикните празници е вистински панаѓур од пиротехнички средства. Иако е противзаконски, петарди и ракети од различен калибар се продаваат слободно на импровизирани картонски тезги пред очите на сите, па и на полициските службеници, кои го регулираат сообраќајот околу пазарот. Најчесто ги продаваат тинејџери кои многу љубезно ќе ви одговорат за цената и за начинот на употреба на петардите и ракетите.

Пред трговските центри, на плоштадите и по улиците се забележуваат продавачи на светликави новогодишни украси и балони. Некои од нив, обидувајќи се да ги продадат тропаат на прозорците од автомобилите застанати на семафори на некоја од улиците или крстосниците, а со тоа си го доведуваат во опасност сопствениот живот.

Секоја година има повредени од петарди, пред се, деца, некои од нив остануваат без прсти, бидејќи им експлодираат во рака. Тоа укажува на потребата да се превенира за оваа година да не случува истото. Продавачите веќе можат да се забележат на улиците, а од Министерството за внатрешни работи велат дека како и секоја година, така и оваа година, во пресрет на новогодишните и божикните празници, ќе делуваат превентивно и репресивно во врска со употребата на пиротехничките средства.

– Во континуитет, Одделенијата за превенција при Секторите за внатрешни работи спроведуваат кампањи, изработуваат флаери и плакати и одржуваат различни предавања преку кои укажуваат на можните последици од употребата на пиротехничките средства, а воедно даваат придонес во продлабочување на довербата и соработката помеѓу граѓаните и полицијата. Додека пак, полициските станици со спроведување акциски контроли и проверки работат на откривање и санкционирање на лицата кои вршат продажба на пиротехнички средства – велат од МВР. 

Од таму ги известуваат граѓаните дека неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик. За употреба на пиротехнички средства глобите се од 200 до 500 евра во денарска противвредност, додека со затвор од три до десет години се казнува лице кое неовластено изработува, држи и продава експлозивни материи.

– Прекршочни пријави се поднесуваат и против лицата кои продаваат новогодишни дреболии по улиците, бидејќи ги загрозуваат сообраќајот, но и нивните животи. Овие лица не смеат да бидат присутни на улица на необележани места – вели помошникот на министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски.