Дневни центри и негуватели - порака за Светскиот ден на Алцхајмеровата болест

Сите општествени чинители треба да се вклучат во поддршката за добивање на подобра нега на лицата со деменција - оваа порака беше испратена денес во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на Алцхајмерова болест, на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Особено видлива е потребата од дневни центри, едукација и професионални негуватели, истакна докторката Габриела Новотни, претседателка на граѓанското здружение „Институт за Алцхајмерова болест и невронаука – Скопје“.

„Ние сме должни да го направиме сето ова за овие лица. Во Македонија тоа се најмалку 20 илјади семејства. Алцхајмеровата болест која ги краде спомените не ја зафаќа само индивидуата, туку и целото семејство го вовлекува во својата болест и тоа трае со години. Во изминатите две до три години не успеавме да постигнеме напредок во дијагностичките методи. Ги имаме дури и творните биомаркери кои се во дијагностичкиот протокол ширум светот, меѓутоа добивањето на дијагнозата не значи и крај на болеста“, изјави Новотни.

Освен препишувањето лекови, според неа треба да се известира во обука на семејствата при грижата за своите најблиски.

„Потребни се професионални негуватели. Потребни се дневни центри. Знаете болеста ги краде мемориите, но ние не смееме да им го украдеме квалитетот на живот, љубовта, радоста, среќата. Тоа се емоции тоа не е меморија“, додаде Новотни.

Потенцираше дека како што доаѓа до стареење на населението, така се зголемува и бројот на лица со Алцхајмерова болест. Испрати порака до сите чинители, заедно да се насочат кон носење мерки и вложување напори, со цел промени на подобро.