Дивите пазарџии на Бит пазар: На никого леб не земаме, носиме скромен приход за децата

Павлина или позната меѓу дивите пазарџии под името Пајче, веќе дваесетина година продава цвеќе на тротоарите пред Бит пазар. Вели маката ја натерала со минимална пензија од 6.500 денари и самохрана мајка на две деца да излезе на улица и да продава. Има постојани муштерии и како што вели со цвеќињата што ќе ги продаде успева само да преживее и навреме да си ги плаќа сметките, пишува Вечер.

И вчера рано изутрина стигнала на Бит пазар со цел да продава цвеќиња, но уште во пет часот утрото полицијата нејзе и на останатите диви пазарџии им наредила да ги тргнат тезгите. Таа за “Вечер” вели дека не сака да биде нелегален продавач, сака да се најде еднаш засекогаш решение за оваа категорија на граѓани кои својот леб го вадат продавајќи на тротоар. Но, бара тоа да биде минимална давачка, Град Скопје да ја земе предвид нивната заработувачка и да им обезбеди локација. Во знак на револт Павлина заедно со останатите диви пазарџии вчера го блокираа булеварот кај Бит пазар.

– Од општината не дозволуваат да тргуваме. Зошто? Ние никому не пречиме, никому леб не земаме, носиме скромен приход за нашето семејство, сите имаме по две деца, ги образуваме. Секој месец честитките доаѓаат од ЕВН, телефон, вода, не те прашуваа никој од каде и со што ќе платиш, ќе те исклучи, а ние живееме од тука. Јас сум пензионерка и земам пензија од 6.500 денари. Мене месечните расходи ми се најмалу 4.500 денари, вели Павлина.

На тротоарите на булеварот “Крсте Петков Мисирков”, кај Бит Пазар, продаваат околу 200 диви пазарџии. Досега неколкупати по налог на Град Скопје, со полициска асистенција се бркаа пазарџиите. Но по некој ден повторно ќе ги видиме. Овој пат на местото каде што се продаваа цвеќињата, Град Скопје веќе започна со раскопување на тротоарите. Трговците со цвеќиња веќе се преместени зад поликлиниката “Бит пазар”, но по утринската интервенција на полицијата вчера на оваа локација дојдоа и граѓаните кои продаваа зеленчук и расади за земјоделство.

– Утринава во пет наутро кога стигнав веќе имаше полиција. Само што стигнав ми рекоа да заминам затоа што нема да можам овде да продавам. Кога ги прашавме каде да продаваме, само ни рекоа најдете си сами локација. Денеска сме тука, но утре не знам кај ќе одиме, вели еден од продавачите кој утринава се префрлил зад поликлиниката.

Дивите пазарџии велат дека и порано им била ветувана локација негде кај комплекс банки, но ништо не се реализирало. На понудата од Град Скопје да се сместат на тезги во рамки на Бит пазар велат дека таму нема доволно место.

– Дезинформации се дека има тезги во пазарот нешто е направено по метар квадратен, но нема ни минимални услови за работа. Се согласуваме да не стават во рамки на пазарот, но да бидат минимални давачките до 1.000 денари, велат дивите трговци.

Од Град Скопје претходно информираа дека нема да отстапат од намерата да ги ослободат тротоарите околу Бит пазар од дивите продавачи. Булдожерите веќе почнаа со работа, а во делот околу пазарот е предвидено да се оформи нова такси-станица, да се засадат дрвореди, просторот хортикултурно да се уреди и да се постават заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот. Дополнително, се планира да се уредат и осветлат пасажите во Старата скопска чаршија.

Во меѓувреме веќе започна изградбата на модерниот Бит пазар, ќе трае 14 месеци, а во него ќе се смести и цветниот пазар. Едно од можните решение на дивите трговци е нивно сместување во рамки на новиот пазар