Директорот на СЦ „Борис Трајковски“ месец дена пред пожарот барал помош од Град Скопје и Општина Карпош да се искосат запуштените места, вели дека добил само молк

Во текот на викендот се соочивме со огромен пожар непосредно во близина на СЦ „Борис Трајковски", односно на само педесетина метри од лизгалиштето во склоп на спортскиот центар. За среќа, брзата реакција на МВР и пожарникарите спречи ширење на пожарот и зафаќање на делови од објектот, како и на моторни возила кои што беа паркирани на паркинзите наоколу, пишува денеска во Фејсбук статус директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски.

Како што вели Апостолоски во својот фејсбук статус, пред само еден месец, кога имавме пожари на многу локации околу Скопје, како и во неколку населени места во градот, побарал од Град Скопје и Општина Карпош да бидат искосени запуштените места, токму поради можноста за пожари на површини со високи и суви треви околу спортскиот центар, и како што вели, со надеж дека барем ќе одговорат на нивното барање и ќе реагираат, меѓутоа Апостолоски вели дека досега добил само молк и од двете страни.

„Беше известено и ЈП „Паркови и зеленило" - Скопје и за воља на вистината, единствено оттаму добивме повратен одговор дека не се надлежни. Дали градоначалникот на општина Карпош или градоначалничката на Град Скопје знаат само да снимаат видеа наоколу и да водат кампања, или ќе беше многу понормално да засукаат ракави и да ги превенираат ваквите несакани ситуации, барем во централното подрачје на градот? Бидејќи очекувам реакција дека можеби се работи за приватен имот, ќе бидам дециден. Сопственикот на имотот е должен да го одржува просторот, а доколку истиот не се одржува, општината и градот го известуваат дека истиот ќе биде доведен во ред од нивна страна, за што ќе му биде фактурирано за трошоците“, посочува директорот на спортскиот центар.

Тој исто така запраша дали некогаш е испратен таков документ до некој сопственик на приватен имот во околината на СЦ „Борис Трајковски" и зошто не преземале ништо кога учтиво ги известил за ситуацијата?

„Во вакви ситуации не помагаат ниту видеата, ниту терањето кампања, туку засукување ракави и работење на безбедност на граѓаните. Помалку зборување, повеќе работа, вели Апостолоски.

Тој во прилог сподели и фотографии од испратените мејлови како докази.