Директорот на Филхармонија се иселил во Белгија, назначаена нова директорка

Долгогодишната новинарка и доскорешна продуцентка во Македонската филхармонија, Тина Иванова, е назначена за нов в.д. директор на оваа институција. Промената доаѓа откако досегашниот директор Виктор Илиевски со семејството се преселил во Брисел, Белгија, пишува „360 Степени“.

Илиевски вели дека почнува нова страница во приватниот и професионалниот живот, а на неговата наследничка во Филхармонија ѝ посака успешна работа. Тој напоменува дека и понатаму ќе биде отворен за соработка со институциите од културата во земјава.

-Функциите се минливи. Најбитната работа е секој што добил шанса да води одговорна функција, пред сè и над сè да биде човек! Започнувам нова страница со полно срце и полна душа, со огромно позитивно искуство. Пресреќен сум што сите напори и целиот труд што го вложив се препознаени, испочитувани од вработените и од надворешните соработници. Ги поздравувам членовите од Управниот одбор со кои имавме одлична соработка, вели Илиевски.

Филхармонија на почетокот на септември ја стартуваше новата концертна сезона 2020/2021 со концертот „Звук на два метри“.

Оркестарот на Филхармонија в четврток, на 8 октомври, ќе одржи концерт насловен како „Поле за игра“, на кој како солистка ќе настапи виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан, а диригент ќе биде Сашо Татарчевски.