Директорите на скопските јавни претпријатија потполнија анкетни листови, ќе има ветинг за прв пат

За првпат во Град Скопје започна постапка на ветинг за поставените директори на јавни претпријатија.

„Ќе има нулта толеранција за корупцијата. Ова е системска мерка за елиминирање на можностите за корупција во рамки на градот и спречување на какви било судир на интереси. Денеска овој процес започна со директорите на јавните претпријатија, а ќе продолжи со раководителите на секторите#, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска по состанокот со директорите на јавните претпријатија.

Секој од директорите веќе пополни анкетен лист до Државната Комисија за спречување на корупција и потпиша изјавата за непостоење на судир на интереси во нивната работа. Овој процес ќе биде пракса за секое лице кое аплицира за позиција или унапредување.

„Град Скопје на овој начин започна активно да работи на подобрување на интегритетот на локалната самоуправа со цел значително да се намалат и отстранат сериозните прекршувања на работниот процес поврзани со корупцијата. Ова е строг процес на проверка за да се утврди соодветноста за вработување или унапредување на работната позиција“, додаде Арсовска.

Спроведувањето на процесот на ветинг беше едно од предизборните ветувања на градоначалничката Арсовска.

Градот Скопје ќе продолжи со спроведување на новата политика на интегритет за јакнење на етичкото и професионално постапување во градската администрација. Само на овој начин ќе се воспостави одржлив систем за интегритет во рамките на јавните установи под ингеренции на градот. Воспоставување на овој систем претставува јасна заложба на највисоко раководство на Град Скопје за нулта толеранција за корупција, како и за кое било несоодветно и неетичко однесување, велат оттаму.