
Во август 2025 година, со новиот Закон за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, беше направена институционална реформа со која се обединија две дотогаш одделни институции – Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија (АППРСМ).
ФИТР беше насочен пред сè кон финансиска поддршка на иновативни компании, стартапи и технолошки развој, додека АППРСМ работеше на развој и поддршка на претприемништвото и малите и средните претпријатија. Нивните функции денес се обединети во Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, која е правен наследник на двете институции.
Но, според директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, суштината на промената е многу поширока од едноставно институционално спојување.
Во разговор за Скопје Инфо, таа посочува дека трансформацијата претставува промена во начинот на кој се разбира улогата на државата во развојот на иновациите, науката, технологијата и претприемништвото.
Фокусот, вели Димовска, повеќе не треба да биде само на прашањето дали ќе биде поддржан одреден проект или компанија. Наместо тоа, ИНОВА треба да го следи целиот пат – од идејата и научното истражување, преку развојот и тестирањето, до комерцијализацијата, растот и излегувањето на домашниот и меѓународниот пазар.
Оттука, ИНОВА треба да биде повеќе од финансиски механизам. Тоа треба да биде институција што ќе поврзува наука со бизнис, претприемачи со инвеститори, стартапи со пазари и домашниот потенцијал со меѓународните можности.
Во новиот пристап важна улога има и прилагодувањето на поддршката кон реалните потреби на економијата. Зелената и дигиталната трансформација, новите технологии, вештачката интелигенција, развојот на стартап-екосистемот и комерцијализацијата на знаењето се области во кои, според Димовска, државата мора да биде проактивна.

„За мене, суштината на трансформацијата е ова: од институција која финансира поединечни иницијативи, кон институција која системски гради екосистем“, нагласува Димовска.
Зад оваа визија стои и пошироко разбирање на значењето на иновациите. Тие, заедно со науката, технологијата и претприемништвото, денес не се само развојни области, туку прашање на економска сила, конкурентност и национална перспектива. Државите што инвестираат во знаење, талент и иновации создаваат подобри работни места, посилна економија и поголема независност.
Токму затоа, лидерството на ваква институција Димовска не го гледа само како управување со организација, туку како одговорност да се постави јасна насока, да се создадат услови луѓето да го реализираат својот потенцијал и да се изгради систем што ќе биде посилен од секој поединец кој во моментот го води.
Како жена на раководна позиција, таа ја нагласува и важноста на присуството на жените таму каде што се носат важни одлуки.
„Верувам дека жените треба да бидат рамноправно присутни таму каде што се носат важни одлуки и каде што се креира иднината. Но, најмногу би сакала да живееме во систем во кој тоа повеќе нема да биде прашање каде што лидерството ќе се препознава по знаењето, интегритетот, храброста и резултатите, а не по полот“, вели Димовска.
Нејзината визија за ИНОВА, како што истакна таа, е да биде институција која ќе го препознае потенцијалот на Македонија и ќе му создаде пат до реализација, од младите луѓе со знаење, до научниците, истражувачите, претприемачите, инженерите и компаниите со амбиција.
Како прв директор на новата институција, токму тоа го гледа и како една од најголемите вредности на функцијата - можноста Македонија да стане место во кое знаењето нема да мора да се извезува како единствена можност за успех, туку ќе се претвора во вредност дома.
Почетокот, сепак, не бил едноставен. При преземањето на институцијата, ИНОВА се соочила со сериозни наследени обврски и значителен долг. Димовска се присети дека тоа било реалност со која морало одговорно да се справат, паралелно со градењето на новата визија.
„Со рационално управување, дисциплина и целосна посветеност, успеавме да го исчистиме наследениот долг и да создадеме постабилна финансиска основа. Но, за мене тоа не е крајниот резултат. Тоа е предуслов за да можеме да одиме чекор понатаму“, посочува таа.

За неа, вистинското лидерство не значи само решавање на проблемот што стои пред вас, туку создавање систем во кој истиот проблем нема повторно да се појави. Таа нагласи дека тоа подразбира поставување стандарди, градење тим, носење одлуки и кога не се лесни и гледање неколку чекори однапред.
Во таа смисла, Димовска смета дека Македонија нема проблем со идеи. Напротив, човечкиот потенцијал го гледа како еден од најнеискористените ресурси на државата. Предизвикот, според неа, е во тоа тој потенцијал да се претвори во економска и општествена вредност.
За една идеја да стане успешна компанија, Димовска оцени дека не е доволно само да биде добра. Потребни се капитал, знаење, менторство, пристап до технологија, контакти и пазари, но и средина во која е дозволено да се преземе ризик.
„Иновацијата секогаш носи неизвесност. Ниту еден голем пронајдок, производ или компанија не настанал без обиди, грешки и неуспеси“, вели Димовска, додавајќи дека неуспехот не треба да биде стигма, туку дел од процесот на учење и создавање.
Токму тука ја гледа и историската улога на ИНОВА, не само да финансира, туку да гради мостови и да го скратува патот од идејата до пазарот.
Една од најголемите промени што веќе го обликува тој пат е вештачката интелигенција. Според Димовска, вештачката интелигенција повеќе не е прашање на иднината, туку реалност што ги менува економијата, пазарот на труд, образованието, науката и начинот на кој компаниите создаваат вредност.
За мала економија како македонската, тоа значи дека нема простор за пасивно набљудување.
„Малите економии немаат луксуз да бидат само набљудувачи на технолошките промени. Мора да бидеме меѓу оние што ги усвојуваат, развиваат и применуваат новите технологии“, подвлекува таа.
Од аспект на ИНОВА, тоа значи поддршка за компании и истражувачи кои развиваат AI-решенија, но и инвестиции во најважниот ресурс – луѓето и нивното знаење.
Димовска верува дека иднината нема да биде борба меѓу човекот и вештачката интелигенција, туку дека ќе победуваат оние луѓе и економии кои најдобро ќе знаат да ја користат.
На крајот, нејзината порака до младите е едноставна: да не се плашат да започнат нешто ново. Голема идеја секогаш носи ризик, а сериозниот успех, неизвесност.
„Не дозволувајте стравот од неуспех да биде поголем од вербата во вашиот потенцијал. Не чекајте некој да ви гарантира дека ќе успеете. Таква гаранција не постои. Но, ако имате знаење, идеја и храброст да се обидете, тогаш имате нешто од кое може да се создаде голем успех“, порача директорката на ИНОВА.