ДИК ги повикува учесниците на изборите да ги почитуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги повика сите вклучени во изборниот процес да ги почитуваат здравствените мерки, упатствата и протоколите за предвремените парламентарни избори на 15 јули.

– Само така ќе го заштитиме здравјето на граѓаните, истакна денеска потпретседателката на Државната изборна комисија Димтмире Шеху за време на симулацијата за безбедно гласање со примена на сите мерки и здравствени препораки, што беше организирана од страна на ДИК на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз Тито“.

Симулацијата беа поканети да ја следат набљудувачите на изборите, меѓу кои и ОБСЕ/ОДИХР, претставниции на Министерството за здравство, на амбасадите, како и претставници на политичките партии. Присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој истакна дека се почитувани сите препораки на Комисијата за заразни болести и дека граѓаните ќе можат безбедно да гласаат.

Шеху изјави дека ДИК со овој настан сака да покаже дека при гласањето ќе бидат почитувани сите подзаконски акти, упатства и мерки за заштита на граѓаните.

Во симулацијата беше опфатен целиот избирачки процес во реални услови, почнувајќи од доаѓањето на граѓаните на избирачкото место, чекањето, влегувањето, дезинфекцијата, идентификација, и гласање. Беа прикажани сите здравствени мерки кои треба да ги почитуваат граѓаните, но и самите изборни органи и домашните и странскирте набљудувачи.