„Девојка на Богословски факултет?“ - Интервју со Оливера Трајковска, новата директорка на Комисијата за за односи со верските заедници и религиозните групи

Оливера Трајковска од неодамна е нова директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ), институција која е од особено значње со оглед дека висок процент од граѓаните од земјава, осносно над 90% се изјаснуваат како религиозни.  

Општественото живеење пулсира во различности, а граѓаните се најсензитивни при нарушувања на меѓуконфесионалните односи, односно верските прашања, кои имаат потенцијал да се прелијат и во меѓуетнички тензии.  

Трајковска која од скоро застана на чело на оваа Комисија е сестрана личност. Дипломирала на Православниот Богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во моментов е на магистерски студии на психологија во социјалната заштита на Факултетот по психологија при Меѓународниот Славјански Универзитет. 

Основач е на здружението „Биди Своја“ кое се застапува за општествена одговорност во сите сфери на современото живеење и е препознатливо по низа проекти од областа на културата, образованието и социјалната заштита.

Член е на Друштвото на писатели од Куманово. Автор е на две двојазични книги „Од душата“ (македонско – руски превод) и „Вистина или лудост“ (македонско – англиски превод). 

Нејзиниот водечки слоган е „Радиусот на кругот на добри дела се зголемува пропорционално со бројот на добри дела кои ги правиме“. 

Во продолжение интервјуто со Трајковска за нашиот портал Скопје Инфо: 

Во вашата биографија е наведено дека сте дипломиран теолог, нешто што на прв поглед „паѓа в очи“ со оглед дека сте жена. Како се одлучивте да студирате на Богословскиот факултет? Имавте ли колешки на факулетет, како беше тогаш?

Моите студии на Богословскиот факултет беа и се Божја промисла. Оние кои се теолози ќе ме разберат потполно, но за сите останати ќе објаснам сликовито. Пред да се запишам на Богословскиот факултет во Скопје, се запишав на Педагошкиот факултет во Штип и одлично ми одеа студиите. Бев во вториот семестар од првата година и бидејќи во тој период имав време на претег, многу читав и истражував. Во спознавањето на нови светови преку читањето дојдов до дела со теолошка тематика и почувствував голема желба за образување во таа област.

По завршувањето на првата година од Педагошкиот факултет, во септември се запишав на Богословскиот факултет. Почнав со паралелни студии на едниот и другиот факултет истовремено, но поради патувањето Скопје – Штип кое беше напорно, а и губев квалитетно време за учење, морав да се одлучам за еден од факултетите. Одлуката беше Богословскиот факултет.

Сега, кога се навраќам на назад, многу добро разбирам дека тоа не беше само обична одлука, туку и внатрешно чуство кое беше пресудно за донесување на одлуката.

Се сеќавам на ограничените стереотипни и неинформирани изјави од типот: - Девојка на Богословски факултет? - Ти ќе бидеш монахиња? - Од кога има девојки на Богословскиот факултет, дозволено е да се запишувате на студии?

Овие убедувања уште повеќе ми беа предизвикувачки да докажам дека пред Бога сите сме исти, дека науката за Бога е предодредена и за мажите и за жените, за што доказ беа и поголем број на колешки со кои студиравме. Првенец на нашата генерација беше мојата колешка Ана Димова од Гевгелија, која за жал млада почина и тоа е уште еден доказ дека во науката сме еднакви, исто како и во општеството.

Сега сте на постдипломски студии по психологија. Колку според Вас има допирни точки меѓу овие две сфери – богословието/ религиите воопшто од една и психологијата од друга страна?

Психологијата како наука отсекогаш била во првите три области кои ми предизвикувале огромен интерес и жед за спознавање, затоа и решив моите постдипломски студии да бидат во областа на психологијата. Во средношколските денови психолошката литература ми беше омилена, ми даваше одговори на многу животни ситуации, ми беше одговор на многу неодговорени прашања за себе и за моите блиски. Голем број психолошки книги и прирачници, учеството на обуки и трибини од психологијата ми беа многу корисни во чувањето на моите деца, при ангажманите на одредени проекти...

Психологијата, философијата, теологијата – тоа се науки кои меѓусебно се надополнуваат и прават една скоро совршена целина. Секоја засебна, како наука има свој фокус на изучување, но има и многу примеси од другите науки кои ги споменав. Ако ги погледнете делата на голем број психолози и философи ќе можете да констатирате дека тие биле длабоко навлезени во теологијата и многу често во своите дела покрај научните тези, ќе вметнат и некое теолошко гледиште за одредени појави или состојби. Најпластичен пример за ова ви е Владета Јеротиќ, најафирмираниот српски психотерапевт, философ, писател и теолог во исто време.

Неговите трудови се извор токму на овие три науки, еден реален секојдневен проблем или дијагноза погледната низ три различни призми на науката, протолкувани од гледиштето на еден психолог, философ или теоог. Овој реципроцитет ќе го најдете и во делата на истакнатите теолози каде теолошкото гледиште е надополнето со психолошкото, како што е случајот со Андре Лоргус и Дмитриј Абдеев.

Моите постдипломски студии по психологија ќе го заокружат кругот во кој науката за човечката душа ( психологија, од грчки „психе“ – душа и „логос“ – наука) и науката за Бога ( теологија, од грчки „Теос “ – Бог и „логос“ – наука) ќе се надополнат и поврзат меѓусебно, а тоа е и одговорот на Вашето прашање.

Именувани сте за директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Честитки за функцијата и успешна работа. Како ја оценувате досегашната работа на Комисијата накратко? На што ќе се фокусирате Вие во претстојниот период?

Ви благодарам на честитката! Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи минувала низ различни фази, имала различен тип на ингеренции и функционери кои со неа раководеле, работела и ќе продолжи да работи на полето на верските прашања и поврзувањето на државните институции и верските заедници.

Најважниот приоритет на еден директор на Комисијата треба да биде зачувување на мирот. Тоа е мојот приоритет. Зошто? Затоа што зачувувањето на мирот подразбира и меѓусебна почит и соработка, толеранција и соживот. А тоа се основните вредности кон кои треба да се стремиме како општество без разлика на нашата национална или верска определба. Секако, тоа се и вредностите кои верските заедници во Македонија ги негуваат и ќе продолжат да ги негуваат.

Комисијата за односи со верските заедници и религиозните заедници ќе се фокусира на многубројни иницијативи за меѓурелигиска и меѓукултурна соработка, промоција на верскиот туризам, збогатување на издавачката дејност, организација на конференции, лидерски средби, трибини... Следете не и навремено ќе бидете информирани за тековните активности.

Факт е дека во земјава доминантни се православните христијани, но има и муслимани. Какво е вашето искуство. На терен има ли соживот и почитување на меѓусебните религии, верски обреди и традиции?

Почитта е производ на изградена култура на живеење и правилни убедувања на една индивидуа или заедница. Секој од нас може и треба да го почитува другиот. Ако се водиме од ова начело, тогаш беспрекорно ќе функционираме како општество. Комисијата одржува квалитетни врски и соработки со сите верски заедници во Македонија. Моите сознанија се многу позитивни и укажуваат на соживот и почитување помеѓу верските лидери, но и помеѓу верниците кои припаѓаат на различни верски заедници, што се огледува преку почитување на традициите, празниците, упатените честитки по повод одредени празници, присуство на официјални и неофицијални средби на другите верски заедници итн.

Сведоци сме дека верскиот туризам од година во година е сè поразвиен во земјава. Што ќе направите во таа насока, да има уште поголем интерес за објектите и локациите?

Се согласувам дека во последните години верскиот туризам доживува свој подем. Тоа индиректно е дел од трендот кај соседните држави, каде што верскиот туризам децении на назад е многу развиен, но и резултат на сите иницијатори за развој на верскиот туризам во Македонија.

Во поглед на промоција на верскиот туризам секако ќе имаме конкретни активности, соработки со епархиските митрополити, со здруженија и индивидуалци кои го поддржуваат верскиот туризам и секако соработка со Министерството за култура и туризам. Македонија изобилува со верски објекти кои имаат непроценлива вредност, кои се чувари на верата, историјата и традицијата. Македонија е земја на исконот и затоа Комисијата за верски заедници и религиозни групи ќе ги вложи сите сили за да го зачува овој епитет.

Сè  погласни се реакциите на жителите на Скопје кои се жалат на звуците од џамии. Имате ли ингеренции да превземете нешто околу ова, во однос да се мери звучноста, да се реагира доколку е прегласно, со оглед дека дел од обредите се и рано наутро?

Одговорот на ова прашање ќе го најдете во Законот за заштита од бучава во животната средина со кој се уредуваат правата и обврските на општините во Македонија, на градот Скопје, општините во градот Скопје, правните и физичките лица... Аналогно на ова, претставките би требало да бидат упатени до Државниот инспекторат за животна средина и МВР, бидејќи тие имаат механизми за справување и санкционирање. Ние како Комисија немаме законски ингеренции за постапување по вакви прашања и нашето делување е во друга насока.

Која е пораката која сакате да ја упатите на почетокот на вашето именување до сите верници и воопшто Македонци?

Состојбата на глобално ниво е загрижувачка. Имаме повеќе воени жаришта кои секојдневно носат во неповрат илјадници човечки животи. Тука се и непредвидените катастрофи, елементарните непогоди со разорен карактер, епидемии, болести, разни видови на тероризам... Македонија е мала земја, но голем мозаик на различни етникуми и вери кои меѓусебно живееја, живеат и можат да живеат во мир, со меѓусебна почит и разбирање. Потребна е само добра волја. Почитувани браќа и сестри Македонци, сите живееме под исто небо, различни едни од други, а сепак исти, да градиме мостови на мир и соживот. Тоа е единствениот начин да бидеме од полза во општеството и да го зачуваме белегот на човештвото.