Деведесет стари лица во Центар и оваа година ќе добиваат нега во домашни услови - еднаш месечно ќе ги посетува социјален работник

Општина Центар и годинава го продолжува проектот “Нега за стари лица“, овој пат, една година од склучување на договор или до истекот на средствата во буџетот, 90 стари лица ќе добиваат нега во домашни услови.

Задолжително еднаш месечно ќе ги посетува социјален работник и детално ќе ја анализира здравствената и социјалната состојба.

Овие лица можат да бираат три пати неделно, по два часа на ден услуги од неговател, два пати неделно по еден час посета од физиотерапевт, два до три пати неделно , по еден час, посета од медицинска сестра и еднаш месечно по два часа посета од психолог.

Физиотерапевтот определува терапија на пациентот, врши мануелна терапија, масажи, вежби и раздвижување на пациентите, медицинската сестра на лицата ќе им мери шеќер во крв, крвен притисок, преврски на рани и ќе става инјекции. Негователките пак ќе имаат задача да менуваат постелнина, мијат садови, перат, пеглаат и ќе помагаат при личната хигиена, како и приготвување на храна и купување лекови.

Во тек е тендерската постапка за јавна набавка за ангажирање на професионални асистенти за нега на стари лица во домашни услови. Според податоците, од изработка на социјалната карта, од вкупното население, 15,3 % се лица со возраст над 60 години, а 631 лице со возраст над 65 години. Корисници на пензиско осигурување има околу 15 000 лица.

Теренските анализи покажаа дека има голема потреба овие највозрасни лица да добијат нега и помош во домашни услови. По завршување на постапката за јавна набавка, ќе биде објавен јавен оглас на кој заинтересираните лица треба да донесат лична карта дека се жители на општина Центар, чек од пензија и доказ за здравствената состојба, се наведува во соопштението од Општина Центар.