Ученици од Основното училиште „Исмаил Ќемали“ од Општина Чаир денеска излегоа на марш во Скопје во знак на почит кон нивните соученици кои настрадаа во автобуската несреќа во Бугарија.
Изјавија дека со маршот сакаат да се потсетат на своите другари, петмина од ова училиште, кои вчера ги загубија животите во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија.
Тие од училиштето се упатија до плоштадот „Скендербег“, со цвеќиња и транспаренти испраќајќи порака дека „соништата завршија во пепел“.
Наставникот Метуш Мемеди, кој предава во ова училиште веќе 12 години, денеска истакна дека загубата на пет ученици од ова училиште за него е еден од најтешките настани.
-Меѓу 45-те загинати имаме и 5 ученици од нашето училиште „Исмаил Ќемали“. Ова многу не вознемири. За нас тоа е голема трагедија. Денеска сме тука наставници и ученици, но наставата помина малку тешко. Господ да ги помилува. 2 ученика од 9-то одделение, еден ученик во 8-мо, ученик 6-то одделение и мало девојче кое беше второ одделение, рече наставникот Мемеди.
Маршот е на иницијатива на училишниот одбор и на самите ученици.