Детето што избоде врсник и уште две лица во Чаир не подлежи на кривична одговорност поради возраста

13-годишното момче што со нож тешко повреди врсник при инцидент во скопски Чаир нема да одговара кривично пред домашните судови. Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и побара притвор единствено за неговиот 19-годишен брат. 

Б.И. од Скопје, кој е осомничен за насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, ќе остане во притвор 30 дена, одлучи Основниот кривичен суд Скопје.

Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерка за обезбедување присуство, по произнесувањето на осомничениот го прифатил предлогот и определил мерка притвор.

Притворот е определен поради постоење на околности предвидени во член 165 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за кривичната постапка. Судот утврдил опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоци и на тој начин да ја попречи истрагата, како и опасност од повторување на кривичното дело.

Претходно, од Основното јавно обвинителство соопштија дека осомничен е и неговиот малолетен брат.

Според полициското соопштение, тој ги избол трите лица, меѓу кои и 13-годишното дете кое е во животозагрозувачка состојба.

Сепак, на возраст од 13 години тој е под законската граница за кривична одговорност.