Дете прегазено вчера во Бутел - жителите излегуваат на протести поради безобзирните возачи

Дете вчера било прегазено кај Радишани, во општина Бутел. Засега нема официјални информации за несреќата и состојбата на детето. 

Возачите вчера попладне реагираа за застој во овој дел од Скопје, по што на социјалните мрежи очевидци споделија дека станува збор за сообраќајна несреќа.

 - Вчера на автобуска станица згазиле дете (на тротоар), некој батка возел со комбе и се качил на тротоарот (спроти Кувертира) и го изгазил. Не знам со какви последици е, ама овие два дена има протести. Меѓу другото, гледам дека само таму уште веднаш се исцртани линии на коловозот само на тоа место, можеби за фотографирање? - споделува една скопјанка. 

Жители на населбите Расадник и Бутел преку социјалните мрежи повикаа на протест по неодамнешниот сообраќаен инцидент во кој беше прегазено дете на улицата Бутелска, во близина на Расадник.

Граѓаните бараат итни мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот, посебно во деловите каде што секојдневно се движат деца и пешаци. Во повикот за протест се наведува дека е неопходно надлежните институции да обезбедат основни услови за безбедно движење на пешаците и да преземат активности против несовесното возење.

„Нашите деца не се статистика“, „Забавете! Тука се нашите деца!“ и „Безбедност, не луксуз!“ се дел од пораките што ќе бидат испратени од протестот.

Организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат секој ден сѐ додека, како што велат, не добијат конкретен одговор и решение од надлежните институции. Воедно, тие упатуваат апел до Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Општина Бутел да реагираат навремено и да преземат мерки за спречување на нови несреќи.

Граѓаните порачуваат дека безбедноста на децата и пешаците мора да биде приоритет и дека е потребна итна акција пред да се случат нови трагедии. 

Официјални информации за сообраќајната несреќа очекуваме од МВР.