Детали за застреланата мигрантка кај Гевгелија: Почина на рацете на нејзиниот сопруг

Фатмата е 23-годишната мигрантка која минатата среда почина, откако двајца полицајци ги запреа возилата во кои нелегално се пренесувале мигранти.

Несреќата се случи кога еден од криумчарите нападнал полицаец, по што се обидел да му го одземе пиштолот, а притоа во мешаницата бил истрелан куршум кој завршил во 23-годишната Фатмата.

Организацијата „Second Tree“ објави на Инстаграм детали од несреќата која се случи кај Гевгелија.

-Фатмата имаше 23 години. Беше полна со живот, секогаш подготвена да ја сподели својата сила и енергија. Танцуваше и пееше, како што опишува нејзината сестра Бринтина. Сопругот бил присутен кога ја застрелале. Таа го викаше неговото име и молеше за помош, пишува во статусот на „Second Tree“.

Обвинителството претходно со детали се огласи за случајот во кој трагично настрада мигрантката.

-Полициските службеници од ПС за ГП и ГН „Богородица” вчера, во раните утрински часови, при вршење на работи од нивна надлежност, на паркинг просторот на метото „Стара касарна” во Гевгелија ги затекнале осомничените во вршење на наведеното кривично дело. Имено, второосомничениот во улога на чистач со патничко возило марка „Форд Фокус” што го управувал, на илегалните мигранти кои чекале во близина им дал звучен сигнал за да излезат.  Првоосомничениот пак, во патничко возило марка „Мерцедес” со бугарски регистерски ознаки, кои ознаки минатиот месец биле пријавени за украдени од подрачјето на Гевгелија, ги прифатил со намера да ги превезе и започнал да ги сместува во задниот дел од возилото. Додека траело сместувањето на мигрантите, со цел да бидат обезбедени затекнатите лица, полициски службеник презел дејствие и ги предупредил со „Стој полиција”. Додека преземал дејствија за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот физички го нападнал полицискиот службеник и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во тело на мигрантка која веќе била сместена на задното седиште во возилото, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.