Детали за убиството во Капиштец: Осомничениот пукал неколку пати, па со пиштолот удирал во главата на жртвата

Жртвата заедно со уште три лица, во алкохолизирана состојба, пристигнале во казиното каде што играле на апарати, а потоа се скарале.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во казино на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, каде едно лице беше лишено од живот утринава.

Починатиот маж е на возраст од 46 години, а Обвинителството ги откри деталите од убиството кое се случи во Капиштец.

-Извесно време играле на апаратите, а потоа жртвата започнал да се расправа и да се турка со едно од лицата со кои бил заедно во казиното. Другите двајца се обиделе да ги раздвојат, но осомничениот извадил пиштол и неколкупати пукал во оштетениот. Потоа со кундакот од пиштолот го удрил повеќе пати во пределот на главата. Жртвата им подлегнала на повредите на лице место. Се трага по лицето за кое постои сомнение дека го извршило убиството, информираат од Обвинителството.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција. Ќе се врши вештачење на траги и докази подигнати од лице место и ќе се разговара со сведоци на настанот. Обезбедени се снимки од видео надзорот на објектот.​