Депонијата во Визбегово се полни, градоначалникот на Шуто Оризари вели дека е немоќен да спречи фрлање отпад

По претставки од граѓани, Државниот инспекторат за животна средина, вчера изврши вонреден инспекциски надзор на дивата депонија во Визбегово која нелегално се полни со смет и постојано гори, ослободувајќи гасови кои ги дразнат грлото и очите.

Од Инспекторатот соопштија дека инспекторите одржале состанок со градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој рекол дека Општината е немоќна да ги спречи правните и физичките лица кои фрлаат отпад на депонијата.

До депонијата се пристапува преку земјен пат што се одвојува од патот Визбегово-Шуто Оризари, а пристапот се контролира преку капија што се заклучува.

„Во моментот на надзорот капијата беше отворена, за да се пропушти камион кипер од општина Шуто Оризари да исфрли отпад. Инспекторите утврдија дека од двете страни на пристапниот пат се депонира градежен шут, комерцијален и индустриски отпад, додека на крајот од патот депонијата се проширува и завршува во огромна дупка што се исполнува со различни видови отпад, вклучително и комунален. Долж патот, а особено на проширувањето на депонијата, беа видливи траги од опожарување. Отпадот депониран покрај дупката тлееше на повеќе места. Беа присутни лица кои одделуваа пластика од депонираниот отпад. Возачот на камионот и лицето кое ја отворило капијата информираа дека киперот фрлил земја за да изврши прекривање на отпадот што се пали, но инспекторите утврдија дека земјата беше истурена покрај дупката“, соопштија од ДИЖС.

Државниот инспекторат ќе испрати барање до градоначалниците на Општина Шуто Оризари и Град Скопје да преземат итни мерки за расчистување на депонијата и за соодветно уредување на земјиштето.

Од таму наведуваат дека депонијата во Визбегово не смее да гори и мора да се исчисти.