
Православните христијани денеска ги слават Светата маченичка Теодосија Тирска и Преподобната маченичка Теодосија Цариградска.
Во времето на царот Максимијан, во Кесарија Палестинска стоеја еден ден пред преторијата мнозина врзани христијани. Првата, благочестива девица Теодосија им пристапи и ги фалеше и ги храбреше за маченичката смрт.
Кога ја слушнаа што зборува, војниците ја одведоа и нејзе пред судијата. Разјарен судијата нареди и ѝ обесија камен на вратот, па ја фрлија во морските длабочини. Но Ангелите Божји ја изнесоа жива на брегот.
Кога повторно му се јави на судијата, овој нареди да ја убијат со меч. Следната ноќ, Теодосија им се јави на нејзините родители сета во величествен небесен сјај, опкружена со многу други спасени девојки и им рече: „Гледате колкава е славата и благодатта на мојот Христос од Когошто сакавте да ме лишите?“ А ова им го рече на родителите зашто ја одвраќаа од исповедањето и мачеништвото за Христа.
Чесно пострада и се прослави во 308 година.
Втората, родена по молитвите на мајка ѝ кон светата маченичка Анастасија, која потоа ѝ се јави и ја извести дека ќе роди. Родителите ја посветија на Бога и рано ја дадоа во женски манастир.
По смртта на родителите, од огромниот имот таа кај златар нарача три икони: на Спасителот, на Пресвета Богородица и на света Анастасија, а другото им го раздаде на сиромасите.
Пострада за време на злобниот Лав Исавријанин, иконогонителот.
Прими двоен венец: за девственост и за мачеништво.
Пострада во 730 година.