
Син Јонин, брат на Андреј Првоповиканиот, од племето Симеоново, од градот Витсаида. Беше рибар и прво се викаше Симон, но Господ благоизволи да го нарекува Кифа или Петар (Јован 1, 42). Прв од учениците јасно ја изрази верата во Господ Исус, велејќи: „Ти Си Христос, Син на Живиот Бог“ (Матеј, 16, 16). Љубовта кон Господ му беше голема, а во верата се утврдуваше постапно. Кога Го изведоа Господ на суд, Петар трипати се одрече од Него, но само еден поглед на лицето Господово го исполни со срам и покајание. По слегувањето на Светиот Дух стана бестрашен и снажен проповедник на Евангелието. После една негова беседа во Јерусалим се обратија околу три илјади души. Го проповедаше Евангелието ширум Палестина и Мала Азија, Илирик и Италија. Вршеше големи чуда: лечеше болни, воскреснуваше мртви, дури и од неговата сенка се исцелуваа болните. Имаше голема борба со Симон Волхот, којшто се прикажуваше за бог, а всушност беше слуга сатанин. Најпосле го посрами и го победи. На заповед на свирепиот цар Нерон, којшто беше пријател на оној Симон, Петар беше осуден на смрт. Откако го постави Лин за епископ на Рим и го посоветува и утеши стадото Христово, Петар радосно појде да прими смрт. Кога виде пред себе крст, ги замоли џелатите да го распнат главечки, бидејќи се сметаше себеси за недостоен да умре како неговиот Господ. Така се упокои и прими венец на вечна слава великиот слуга на великиот Господ.
Денеска денот Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зошто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.
Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира.
Светиот апостол Павле е роден во Тарс, од племето Венијаминово. Прво се викаше Савле, учеше кај Гамалиил, беше фарисеј и гонител на христијаните. Во христијанската вера беше обратен преку чудо од Самиот Господ, Којшто му се јави на патот за Дамаск. Крстен од апостолот Ананија. Му се даде името Павле и беше приброен кон службата на големите апостоли. Со пламена ревност го проповедаше Евангелието секаде, од границите на Арабија до Шпанија, меѓу Евреите и незнабошците. Го нарекоа апостол на незнабошците. Колку што беа страшни неговите страдања толку беше натчовечко неговото трпење. Низ сите години на неговото проповедање како на тенок конец висеше ден за ден меѓу животот и смртта. Откако сите денови и ноќи ги исполни со страдања за Христа, откако на многубројни места ја устрои Црквата и откако ја достигна таа мера на совршенство што можеше да рече: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, беше убиен со меч во Рим, во времето на царот Нерон, кога и апостолот Петар.
Павловден жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи за од пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.Во некои краишта, на пр. во Гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен. Се празнувало поради град.