Денеска се празнува Успение на Пресвета Богородица

Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица — значаен христијански празник кај православните, католиците и протестантите, посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос. Христијаните веруваат дека, како и Исус и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување. Овој ден се празнува на 28 август по стариот календар, или 15 август по новиот календар.

Празник на мајката на животот

Именден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана…

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.

Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Поради тоа и повеќе цркви низ цела етничка Македонија го носат нејзиното име.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл.

По раѓањето на Исус Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскрeсение кај неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.

Иако Епифаниј од Саламис во 377. година напишал дека никој не ја знаел судбината на Марија[1], барем од V век постојат наводи за успението на Марија. Најстариот запис е „Книгата на сеќавањето на Марија“ (лат. Liber Requiei Mariae).[2] Иако книгата е најверојатно од IV век, текстот може да е и постар, дури и од III век. Исто така, и во ракописи на сириски јазик од V и VI век[3]

Подоцнежни написи кои го потврдуваат успението на Марија се книгата De Obitu S. Dominae[4], која му се припишува на Свети Јован Богослов od VI век, како и книгата De Transitu Virginis од доцниот V век која му се припишува на Свети Мелитон од Сардис, кајшто се раскажува и дека „апостолите до смртната постела на Марија биле донесени на бели облачиња, секој од градот кајшто проповедал во моментот“.

Во некои верзии на приказната се вели дека настанот се случил во Ефес, во куќата на Марија, а во најстарите традиции настанот се лоцира во Ерусалим. Во некои подоцнежни верзии, се раскажува дека Апостолот Тома задоцнил на погребот и подоцна кога стигнал и го отворил камениот гроб виделе дека телото го нема и заклучиле дека, како и Исус, и Марија воскреснала и заминала на небото. Исто така, се раскажува дека Марија им ја фрлила шамијата на апостолите од небото како доказ за нејзиното успение

Црквата нѐ учи дека Марија, мајката на Исус, завршувајќи го текот на земниот живот на најсвет начин, била преземена со тело и душа во небесна слава.[6] Ова е утврдено учење во сите христијански цркви, вклучувајќи ја православната, католичката, источата и коптската. Сите го слават денот на успението на 15 август. Кај православните цркви кои го користат Јулијанскиот календар, оваа дата паѓа на 28. август, а на празникот му претходи 14-дневен пост.