
Денеска се очекува граѓаните да не пазаруваат во маркетите поради високите цени на прехранбените производи. Иницијативата најпрво се случи во Хрватска, а вакви акции се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, доби поддршка од пошироката јавност, како и од партиите од власта и од опозицијата, додека надлежните институции најавија ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве неколкупати искажа разбирање за бојкотот и најави засилени контроли и казни за трговците кои го изигруваат законот и мерки за заштита на животниот стандард. Тој и вчера од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања, истакна дека нема да се дозволи, поединци да ги злоупотребуваат своите позиции и да заработуваат на грбот на граѓаните.
„Состојбата што ја затекнавме е алармантно катаклизмична. Има различни начини за справување со предизвиците, замрзнување на цени, замрзнување на маржите, замрзнување на дистрибутивните маржи… Тоа што ние прво го напрвивме е имплементирање на Законот за нефер трговски пракси, разговаравме со производителите и коморите се со цел да не применуваме офанзивни рестриктивни политики, туку тоа да биде со консензуален пристап и како резултат на тоа ја направивме новогодишната потрошувачка кошничка“, рече Мицкоски.
Но, како што посочи, според сведоштва на граѓаните, дел од производителите, дистрибутерите и маркетите, се служат со трикови што доведе до поскапување на одредени производи, како што на пример беше цената на маслото за јадење.
„Дел од производителите тоа го правдаа со цената берзите која била зголемена, но ние проверивме и се уверивме дека тоа не е тоа така. Во целата спроведена анализа за потрошувачката кошничка воочивме дека можеби ќе треба да се прошири оваа акција, бидејќи како да ги заборавивме аптеките бидејќи со право пензионерите се незадоволни. Оваа акција ќе добие и свое второ полувреме и затоа апелирам до сопствениците на аптеки да размислат, а ќе има и трето полувреме за синџирите за бела техника. Ние пошироко ќе гледаме на оваа состојба бидејќи се влегува во потрошувачката кошничка, вклучувајќи ја и продажбата на текстил“, нагласи Мицкоски. Најави дека во периодот кој што следи Владата планира намалување на парафискалните давачки, односно како што рече, нешто што позитивно ќе влијае на намалување на цените.
Засилен мерки против непочитување на законот од страна на трговците, најави и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој даде поддршка за иницијативата за бојкот, со став дека е тоа граѓанско право на потрошувачите и дека тие имаат право сами да одлучуваат како и каде ќе ги трошат парите.
„Ги поддржуваме граѓаните во бојкотот пред се на маркетите кои изминативе години енормно ги зголемуваат цените на производите без никаква економска логика. Ние како Министерство за економија и труд носевме мерки за заштита на стандардот на граѓаните со замрзнување на маржата на основните прехранбени производи со цел да не дојде до енормно зголемување на цените каде што нема основа за истото и во таа насока ги поздравуваме ваквите иницијативи и граѓани со вакви активности. Изминативе години претходната влада ги толерирала трговците, кои за дополнителен профит преку нереалните зголемувања на цените дополнително се богателе на грбот на граѓаните. Ова однесување мора да запре“, напиша Дурмиши на Фејсбук.
Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари. Воедно од ССМ, посочуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемвање од 10,63 проценти.
Сметаат дека се оправдани нивните барања за зголемување на минималната плата и на сите останати плати и оти се потребни и други мерки од страна на Владата за да се заштити животниот стандард на граѓаните.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти. Во очекување на бојкотот, дел од маркетите вчера објавија намалување на цените на одредени производи, акции за потрошувачите, а некои планираат попис.