Денеска пред Собрание, утре пред Влада - ССМ излегува на штрајк

Сојузот на синдикати на Македонија денеска излегува на штрајк со кој ќе го изрази незадоволството по однос на недоговореното линеарно покачување на платите за сите по 2 806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата.

Како што информираше вчера претседателот на ССМ Дарко Димовски, денеска синдикатите ќе излезат на улица, ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор. 

-На тој начин ќе упатиме апел доколку тоа не се случи дека и тие утре можат да бидат дел од нас работниците, кои ќе стојат надвор пред Собранието бидејќи работникот е оној што гласа и во наредните избори ќе биде клучната алка за која партија ќе биде на власт, рече претседателот на ССМ. 

Според Димовски, штрајкот значи прекин на работниот процес за време на работното време на  работното место.

-Ние како ССМ не можеме да штрајкуваме во тие одделни институции, ние нашето незадоволство како предводници на овој штрајк ќе го изразиме пред Собранието на РСМ во среда, во четврток тоа ќе го пренасочиме кон Владата, а доколку ниту тогаш не се реши проблемот, тогаш ќе одиме пред Министерството за финансии каде што ќе побараме уште еднаш од министерот Бесими да се преиспита во ребалансот на Буџетот и да не стави како ставка за покачување на плати. Доколку и тоа не се случи, знаете што значи штрајк и кои се последиците, очигледо ќе бараме оставка од некои министри. Тоа е наше легитимно право, рече Димовски.