Денеска многу топло, но викендов ќе има промена на времето

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец.

Попладне ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 30 до 35 степени.

Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 33 степени.

Во петок попладне и за време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени, велат од УХМР.